Годишните даночни пријави за 2020 година може да се проверат преку кориснички профил на „е-Персонален данок“, соопшти Управата за јавни приходи.

Оттаму додаваат дека потврда или корекција на пријавите се врши најдоцна до 31 мај 2021 година. На 1 јуни 2021 година годишните даночни пријави ќе добијат статус на конечни. Ако пријавите не се ниту потврдени ниту коригирани, ќе бидат потврдени службено, наведуваат од УЈП.

– Коригираните годишни даночни пријави ќе бидат разгледани и одлучени од службено лице на Управата за јавни приходи, а доколку службеното лице не ја одобри корекцијата на годишната даночна пријава, ќе се донесе решение за утврдување данок на личен доход за 2020 година – стои во соопштението.

Од УЈП апелираат граѓаните кои сѐ уште немаат свои кориснички профили на „е-Персонален данок“ да се регистрираат и да ги користат придобивките што ги нуди овој систем.