Со актуелните цени, парното останува најевтина и најлесна варијанта за греење, додека дрвата се следниот најисплатлив избор. Инвертерот може да биде добра опција, но многу зависи од изолацијата на станот и од потрошувачката на струја. Пелетите, пак, годинава најмногу го празнат домашниот буџет. За стан од 65 квадрати, разликата меѓу најевтината и најскапата варијанта може да биде неколку илјади денари месечно.
Зимата уште не пристигнала, а за македонските семејства веќе почнува старата пресметка: како да се згреат, а притоа сметката да не им го „изеде“ домашниот буџет. Дали е поевтино парно, инвертер, дрва или пелети? За да биде споредбата фер, зедовме еден просечен стан од 65 квадратни метри и просечно семејство, па пресметавме колку би чинело греењето во текот на грејната сезона.
Според направените пресметки, најголема разлика има меѓу четирите начини на греење. Во едниот случај, домаќинството може да помине со околу 2.500 денари месечно, а во другиот трошокот може да стигне и до 20.000 денари или повеќе во најстудените месеци.
Најевтино, барем според актуелните цени, поминуваат домаќинствата што имаат скопско парно. За стан од 65 квадрати, просечната сметка е околу 2.500 денари месечно. Реално, сметката може да биде нешто пониска или повисока, но оваа сума е добра ориентација за едно просечно домаќинство.
Кај парното има една важна разлика во однос на другите начини на греење. Станарот не мора да купува гориво, да складира дрва или пелети, да носи вреќи, да ложи оган и да ја чисти печката. Исто така, кај скопското парно плаќањето не се прави едноставно така што ќе се измери колку топлина потрошил станот тој месец. Надоместокот се пресметува според утврдениот тарифен систем.
Ако се земе актуелниот просек од околу 2.493 денари месечно, тоа значи околу 30.000 денари на годишно ниво. Иако ова, можеби, на прв поглед изгледа како мал трошок, треба да се има предвид дека сметките за парно не се споредуваат директно со петте месеци во кои се загрева станот, бидејќи кај корисниците постои годишен начин на распределба на надоместокот.
Веднаш зад парното, според направената пресметка, се дрвата. За стан од 65 квадрати, со просечна изолација, би биле потребни околу осум просторни метри бука или даб за една грејна сезона. Со актуелната цена од околу 4.500 денари за просторен метар во приватните стоваришта, тоа значи дека се потребни околу 36.000 денари за цела сезона. Кога ќе се подели овој износ на пет месеци, се добива просек од околу 7.200 денари месечно.
Секако, ова не значи дека секој месец семејството ќе плаќа по 7.200 денари. Дрвата најчесто се купуваат однапред и се складираат за зимата. Во октомври и март може да се троши помалку, додека во најстудените зимски месеци потрошувачката расте. Колку ќе потроши едно семејство, зависи и од станот. Ако е добро изолиран, може да помине со околу шест просторни метри, што би значело околу 5.400 денари месечно кога ќе се подели сезонскиот трошок на пет месеци. Ако е станот постуден, има лоша изолација или е на последниот кат, потрошувачката може да стигне до десет просторни метри, односно околу 9.000 денари месечно во просек.
Кај дрвата, сепак, треба да се смета и на дополнителни трошоци. Ако нема сопствен превоз, се плаќа транспорт, а често има и трошок за сечење и цепење. Дрвата треба и да се внесат, да се складираат и секојдневно да се ложи. Значи, освен парите, ова греење бара и време и работа.
Инвертерот е следната опција што многу домаќинства ја разгледуваат, особено во градовите. Кај него, пресметката е малку посложена, бидејќи климата работи на струја, а струјата во домаќинството се користи и за сите други потреби: фрижидер, бојлер, телевизор, шпорет, машина за перење, осветлување и друго.
За стан од 65 квадрати и едно тричлено семејство, со пристојна изолација и со температура од околу 22 степени, како средна варијанта зедовме околу 800 киловат-часови месечно само за греење. Кога ќе се додаде на тоа и нормалната потрошувачка на едно домаќинство, вкупната потрошувачка може да стигне до околу 1.200 киловат-часови месечно.
Тука веќе сметката за струја станува повисока, бидејќи со поголема потрошувачка, домаќинството влегува во поскапите тарифни блокови. Затоа за просечен стан од 65 квадрати може да се очекува греењето со инвертер да го зголеми трошокот за струја за околу 4.000 до 7.000 денари месечно во нормален зимски месец, ако е станот пристојно изолиран и климата соодветна. Во многу студените месеци, трошокот може да биде поголем. Ако е станот добро изолиран, вкупната месечна сметка за струја може да биде од 4.500 до 6.500 денари. Кај просечниот стан, може да биде од 6.500 до 10.000 денари, а кај лошо изолираниот стан и во многу студен период може да достигне 15.000, 16.000 или дури 20.000 денари.
Кај инвертерот, голема улога игра и навиката на домаќинството. Ако се користи климата паметно, ако не се остава постојано да работи на многу висока температура и ако станот добро ја задржува топлината, потрошувачката може значително да се намали. Предност е и тоа што нема купување, носење и складирање гориво.
Најскапа опција од четирите, според направената пресметка, се пелетите. За стан од 65 квадрати со просечна изолација се смета дека би биле потребни околу четири тони пелети за една грејна сезона. Во моментов, вреќа од 15 килограми може да се најде за 329 до 350 денари, зависно од производителот и квалитетот. За четири тони се потребни околу 267 вреќи. Ако земеме просечна цена од 330 денари за вреќа, целата сезона би чинела околу 88.000 денари. Поделено на пет месеци, тоа е околу 17.500 денари месечно.
Ако се најдат пелети по 300 денари за вреќа, сезонскиот трошок би бил околу 80.000 денари, односно околу 16.000 денари месечно. Ако е цената 340 денари, трошокот се искачува на околу 90.800 денари за сезона или околу 18.000 денари месечно. Во најстудените месеци, сметката може да биде и повисока. Ако печката троши две вреќи дневно, за еден месец се потребни околу 60 вреќи, што при цена од 330 денари би чинело речиси 20.000 денари. Ако оди потрошувачката на две и пол вреќи дневно, трошокот се доближува до 25.000 денари.
И тука не завршуваат трошоците. Треба да се плати и струјата за системот, а има и чистење и сервисирање. Квалитетот на пелетите, исто така, е важен – не значи секогаш дека поевтините пелети се и поисплатливи ако оставаат многу пепел и даваат помалку топлина.
Кога ќе се стави сето ова во барабан, за стан од 65 квадратни метри, сметката е прилично јасна. Скопското парно е убедливо најевтино по директен месечен трошок – околу 2.500 денари. Дрвата се следни, со просек од 7.000 до 8.000 денари месечно во грејната сезона. Инвертерот, зависно од станот и потрошувачката, може да значи од 4.000 до 7.000 денари дополнителен трошок за греење во нормален зимски месец, но вкупната сметка за струја може да биде значително повисока. Пелетите, пак, со сегашните цени, се движат околу 17.000 до 18.000 денари месечно во просек за грејната сезона.
Треба да се има предвид дека ова се просечни пресметки, а не гаранција дека секое семејство ќе ја добие истата сметка. Два стана од по 65 квадрати може да имаат сосема различна потрошувачка. Едниот може да биде добро изолиран, да има нови прозорци и да биде опкружен со други загреани станови, додека другиот може да биде на последниот кат, со стари прозорци и со студени надворешни ѕидови. Затоа квадратурата сама по себе не кажува колку ќе чини зимата. Голема улога игра изолацијата, каква печка или клима се користи, на колкава температура се грее, колку време се загрева станот и, се разбира, колку чини енергенсот.
Но, ако се гледа само од аспект на денарите што треба да ги одвои едно просечно семејство за греење, со сегашните цени разликата е голема: парното останува најевтина и наједноставна варијанта, дрвата се значително поевтини од пелетите, инвертерот може да биде добра и практична опција ако е станот добро изолиран, додека пелетите во моментов се најголем удар врз домашниот буџет.