Технолошките гиганти Google и Yahoo, едни од најголемите провајдери на услуги за електронска пошта во светот,  воведуваат нови барања за компаниите кои испраќаат масовни рекламни е-пораки.

Промените, кои стапуваат на сила од февруари, не се толку насочени кон помало преоптоварување на корисниците со рекламни пораки, туку целта е тие да бидат испратени на таков начин што поретко ќе завршуваат во „спам“ сандачето на корисниците и соодветно на тоа, ќе бидат повидливи.

За таа цел, Google и Yahoo ќе бараат од испраќачите да ги потврдат адресите на е-пошта од кои испраќаат рекламни пораки. Притоа, огласувачите ќе мора да вклучат опција за отпишување со еден клик (“unsubscribe”). Компаниите исто така ќе бидат условени да ја задржат стапката на поплаки за спам под 1 на 1.000 испратени пораки.

Оние кои нема да ги почитуваат препораките може да бидат казнети од платформите и помал број од нивните рекламни е-пораки да пристигнуваат во главното сандаче на корисниците.