Десетте топ грчки компании, од својата работа кај нас, минатата година оствариле вкупен приход од 273,5 милиони евра, што е 40 милиони евра помалку од приходот што го направиле во 2019 година. Нивната добивка, пак, за 2020 година изнесувала 13,5 милиони евра и е за 3 милиони евра помала отколку во 2019 година.

Ова го покажува анализата на порталот „Пари“ во соработка со БизнисМрежа.мк. Податоците покажуваат дека најголем шампион, како во однос на приходот, така и во однос на добивката е „Веро“.  Приходите на оваа компанија лани биле 88.300.000 евра и биле за 5,7 проценти поголеми во однос на 2019 година. Но, добивката остварила многу поголем раст од растот на приходите. Така, „Веро во 2020 година имал добивка од 10.500.000 евра, а во 2019 година имал добивка од 8.200.000 евра. Значи, лани овој трговец имал раст на добивката од 28,15%.

Трговците со струја лошо поминале

Во првите 10 топ грчки компании има и две компании што се знаимаваат со трговија на струја , но податоците покажуваат дека тие не поминале добро на енергетскиот пазар. „Енерџи диливери солушн“  лани остварил загуба од  3.750.000 евра, а компанијата „Грин енерџи трејдинг“  ја намалила ланската добивка за 66 проценти, со што била во плус 79.600 евра.

Како што објаснуваат упатените, ова глобално беше лоша година за трговијата со електрична енергија, затоа што цената на светските берзи имаше пикови во кои тие беа дури три пати повисоки во однос на ланските цени. Трговците пак, склучуват договори за подолг период за испорака на електрична енергија по однапред договорени цени.

Постелнината донела добивки, облеката загуби

Две текстилни компании, барем според релаизраните вкупни приходи, влегоа во ТОП 10 грчки фирми. Состојбата што се случуваше на глобално ниво се преслика и кај нив. Така, компанијата која е од текстилниот сектор, а која не произведува облека имала раст на приходите, а онаа со облека имала значително намалување на добивката.

Компанијата Г.С текстил од  Струмица во сопственост на Параскевас Пасхудис имала вкупен приход од 9.700.000 евра и остварила добивка од 530.000 евра, а таа добивка била за дури 58% поголема од добивката во 2019 година. Ова компанија произведува чаршави кои се продаваат на пазарите на Западна Европа, првенствено во Германија, Швајцарија, Австрија.

„Текстилна корпорација“ од Гевгелија шие облека. Но, токму продажбата на облека, со оглед на „локдауните“ низ светот, немањето прослави, неодењето во ресторани, па и на работа, беше една од најпогодените индустриски гранки. Сепак, грчаката копанија „Текстилна корпорација“ успеала минатата година да оствари вкупен приход од 4.600.000 евра и добивка од 37.500 евра, која е дури 32 проценти помала од онаа во 2019 година.

Најголем раст на добивката во фармацевтска компанија

Очекувано, во време на пандемија, најголем раст на добивката, и од грчаките компании имала онаа која што е од фармацевтската дејност. Станува збор за „Галинос фарм“ од Скопје.,сопственост на грчкиот бизнисмен Нектариос Моунтракис. Компанијата направила вкупен промет од 4.270.000 евра и тој бил дури за 80,7 проценти поголем отколку во 2019 година. Во однос на ланските вкупни приходи, податоците покажуваат дека повеќе од една четвртина, или 1.195.000 евра е добивката што лани ја остварила „Галинос фарм“. Оваа добивка е за 215,5% проголема од онаа во 2019 година.

Грчките компании се влезени и во челичната индустрија, во трговијата со опрема за греење, во тутунската индустрија….

Притоа, стабува збор за компании кои имаат најмалку 1 процент грчки капитал и еден од сопствениците да е Грк.

ТОП 10 грчки компании по реализиран приход (во евра)

Износите се изразени во евра | Извор: БизнисМрежа.мк

ТОП 10 грчки компании по реализирана добивка (во евра)

Износите се изразени во евра | Извор: БизнисМрежа.мк

 

Извор: Пари.мк