Подигнувањето на каматните стапки на хипотекарните кредити го зајакнува интересот на Турците во нерегулираното финансирање преку краудфундинг за купување на дом.

Создавачите на платформата за краудфундинг (групно финансирање) во Турција, кои не почитуваат на никакви прописи, заземаат се поголем удел од станбениот пазар, бидејќи зголемените каматни стапки кај хипотекарните и станбени кредити понудени од страна на банките, стануваат се понеконкурентни кај повеќето потенцијални купувачи на домови, објави Блумберг.

Каматните стапки кај хипотекарните кредити се на највисоко ниво во последниве 14 години и затоа “сегашните услови за финансирање не се достапни за семејствата со ниски и средни приходи”, вели Мурат Чифтчи, претседател на компанијата за финансирање на домување и автомобили Birevim. “Со зголемувањето на каматните стапки, луѓето почнаа да бидат повеќе заинтересирани за нашиот систем за делење на заштеди“, додаде тој.

Предметниот систем се заснова на собирање на месечните заштеди од стотици клиенти, додека не се добие доволно голема сума, за да може еден клиент месечно да купи куќа. Birevim плаќа надоместок за услуги, што во просек изнесува околу 9%. Конкурентни компании нудат слични планови.

Овој вид позајмување на пари одамна е популарен меѓу конзервативните претставници на турското општество, бидејќи религиозните верувања го забрануваат лихварството. Но, тој станува широко распространет, а брошурите за продажба на станови на Birevim вклучуваат цитати како од Куранот, така и од таткото на анархизмот Пјер-Жозеф Прудон за зла кои произлегуваат од наплатување на камати.

Притисокот на Ердоган

Зголемувањето на каматите на станбените кредити го стимулира проширувањето на платформите за групно финансирање кои не се подложни на засилена контрола и не нудат посебна правна заштита на клиентите. Но промената е дел од несаканите последици од трајните напори на турската влада да го потисне зголемувањето на каматните стапки. Во август 2016 година, претседателот Реџеп Ердоган започна да инсистира банките да одржуваат ниско ниво на каматите. Банките одговорија делумно, но го намалија доделувањето на заеми.

Birevim истакнува дека секој месец привлекува околу 2500 нови клиенти, а во ноември донирала 319 станови, шест пати повеќе во однос на истиот период од 2017 година. Клиент кој сака да купи куќа по цена од 300 илјади лири (55 670 долари) и може да обезбеди 3.000 лири месечно за програмата, обично се приклучува на група од сто. Секој месец се извлекува преку ждребка името на добитникот и му се купува дом.

Слаб надзор

Турскиот пазар на недвижности гладува поради силата на каматните стапки, откако централната банка ја зголеми каматата на кредитите, за да ја совлада инфлацијата предизвикана од падот на лирата. Иако податоците покажуваат силна продажба, тоа се должи на рекордниот број на трансакции од странци, кој го компензира падот на трансакциите со хипотеки со локални граѓани. До 13 ноември, просечната каматна стапка на хипотекарните кредити изнесуваше 28,6%, според Блумберг. Оваа година се зголеми за речиси 15 процентни поени.

Продажбата на хипотекарните кредити изнесува само 5,5% од вкупно 8065 набавки на нови домови во Турција во октомври. Речиси ист број на нови корисници се приклучуваат на Birevim и неговите конкуренти секој месец, вели Четфчи.

Birevim подлежи на самонаметнатиот “сооднос на капиталната адекватност”, еднаков на најмалку 5% од вкупниот износ, се собира секој месец, прецизира тој. Недостасува официјален надзор, кој ќе утврди дали тоа е доволно за спречување на потешкотии, ако бројот на учесници кои се откажуваат од платформата се зголеми од сегашното ниво од 2,5%.

Компанијата наплатува само надоместок и не ги искористува собраните средствата, забележува Мурат Чифтчи. Не е јасно дали другите компании работат на ист начин. “Не постои пречка за несоодветно однесување. Ако парите на клиентите се користат на поинаков начин, компаниите може да банкротираат “, велат одговорните.