Во недела, на 27-ми август 2023 година, Касарна Хаб во Охрид ќе биде домаќин на неформалниот собир на хакери, гикови, ентузијасти за технологија, членови на хаклабите од регионот и пошироко.

НСНД (Ništa se neće dogoditi) е настан кој се одржува од 2007 година во разни градови на Балканот, а по подолга пауза, се организира собирот во Охрид.

– Настанот е замислен како неконференција (анти-конференција) без претходно одредена програмa. Програмата се дефинира на лице место и најчесто содржи: работилници и предавања поврзани со слободниот софтвер/слободната култура, демонстрација на (софтверски) алатки, библиотеки или сопствени проекти и дискусија на теми поврзани со технологија или пресек помеѓу технологијата и општество. НСНД настаните се забавни, неформални, отворени за сите ентузијасти и бесплатни. Регистрација не е потребна. Можеби ништо нема да се случи – важно е да се дружиме, порачуваат организаторите и додаваат дека структура и агенда нема, но вообичаено собирањето ќе започне во 12:00 часот, по што ќе следува договор за следните активности.

Годинешното НСНД ќе се одржи во недела во Касарна Хаб во Охрид.