Производителот на пиво, „Heineken“, има во план да скрати 8.000 работни места и ќе се обиде да заштеди 2 милијарди евра за две години откако новиот извршен директор Долф ван ден Бринк ја промени втората по големина компанија за пиво во светот. Сето ова се случува за време на пандемија што и нанесе најголем удар на индустријата за пијалоци во последните неколку децении.

Ван ден Бринк, кој ја презеде функцијата во април минатата година, најави дека ќе скрати скоро 10% од 85.000 вработени во холандската компанија како дел од програмата за враќање на маргините и зголемување на продуктивноста.

Новите планови беа објавени откако „Heineken“  објави загуба за 2020-та година. Компанијата што стои зад брендовите како „Amstel“, „Tiger“ и „Moretti“ соопшти дека минатата година остварила нето загуба од 204 милиони американски долари, откако остварила профит една година порано, во износ од 2,2 милијарди евра. Ова е резултат на затворањето на пабовите и баровите за време на пандемијата, што ги намали приходите за 17% до 23,8 милијарди евра.

Според извршниот директор, неговиот стратешки план има за цел да го приближи „Heineken“ до потрошувачите, да го подобри дигиталното работење и да ја насочи компанијата „подалеку“ со меки или пива со малку алкохол.

Компанијата ќе се обиде да ја врати маржата на оперативна добивка од 12,3% во последната година на 17% до 2023-та година, истовремено подобрувајќи ја „брзината, агилноста и надворешната ориентација“.

Отпустите вклучуваат 20% намалување на трошоците за вработените во седиштето на „Heineken“. Разделбата од вработените се очекува да заврши до крајот на првиот квартал.

Заштеда на 2 милијарди евра до 2023-та година ќе и помогне на групацијата да ги врати своите трошоци за маркетинг, да инвестира во технологија, да ги ублажи инфлацијата и девизните трошоци, соопшти компанијата.

Обемот на продажбата на пиво на „Heineken“ падна за 8,1% на органска основа во 2020-та година, откако социјализацијата беше ограничена поради пандемијата. Компанијата тврди дека новите ограничувања во четвртиот квартал влијаеле на нејзиниот бизнис во Европа, каде што помалку од 30% од баровите и рестораните биле отворени до крајот на јануари.

„Heineken“ очекува „условите на пазарот постепено да се подобруваат во втората половина на 2021-ва година и да продолжат да се подобруваат во 2022-ра година, со значителни разлики меѓу пазарите и каналите“.

Компанијата понуди годишна дивиденда од 0,70 евра по акција за 2020-та година, 58% помалку од пред една година.