И покрај тоа што во хотелите во Охрид и Струга годинава нема забрана за организирање на новогодишни пречеци, сепак интересот е многу слаб. Странските гости кои ги полнеа хотелите за Нова година ги откажуваа аранжманите поради омикрон, но и домашните и гостите од регионот ќе бидат во многу помал број за разлика од претходните години

Поголем дел од хотелите во Охрид и Струга ќе останат полупразни за новогодишните и божиќните празници. Странските гости кои ги полнеа хотелите за Нова година ги откажуваа аранжманите поради омикрон, но и интересот од домашните и од гостите од регионот е многу послаб. Сепак за разлика од лани годинава ќе има организирани дочеци во хотелите, а цените за дочек со свечена вечера изнесуваат околу 50 евра. Но секако и годинава ќе има засилени контроли од полицијата и пазарните инспектори кои ќе вршат надзор во кафулињата, рестораните и хотелите дали гостите имаат сертификат и дали се почитуваат протоколите за заштита од ковид.

-Со оглед на состојбата интересот е многу помал за разлика од претходните години. Ги нема странските гости кои ги полнеа хотелите. Во Охрид ќе има организирани дочеци на плоштадот, во поголемите ресторани, кафе-баровите и во ноќните клубови за помладите. Но, поголем дел од хотелите се откажаа од организирање на дочеци за Нова година. Капацитетите на приватните сместувалишта ќе бидат поисполнети, додека хотелите ќе бидат исполнети само 50 отсто, вели за ВЕЧЕР, Крсте Блажевски претседател на ХОТАМ.

Тој додава дека цените на празничните аранжмани во хотелите не се покачени споредено со изминатите години дочек со свечена вечера чини од 40 до 50 евра, а две ноќевање со полупансион и свечена вечера околу 150 евра.

И за новогодишните празници останува да важи мерката за 50 отсто исполнетост на капацитетите, која според хотелиерите е многу збунувачка и секој си ја толкува по свое. На ова укажаа и угостителите, според кој мерката нема никаква логика со оглед на тоа дека во хотелите, рестораните, кафулињата може да влегуваат само вакцинирани.

-Нема никаква логика за дел од постојните дополнителни мерки во угостителските објекти по донесувањето на мерката за влез само за вакцинирани лица и укинување на бројот на гости што можат да бидат на една маса. Дел од мерките за дополнителни ограничувања, особено мерката за 50 отсто пополнетост на капацитет нема начин и упатство како може да се пресмета и истата нема никакво влијание и значење кога во угостителскиот објект секако е дозволен влез само за вакцинирани лица. Ваквите нејасни и недефинирани мерки создаваат само забуни во толкувањата со надлежните инспекторати генерирајќи недоразбирања со гостите и штети на угостителите, велат од Независната угостителска комора.

За разлика од хотелите, угостителите и сопствениците на кафеани и ресторани во Охрид очекуваат подобра посетеност за празниците. Тие имаат понуди за пречек на Новата година од 1.500 денари со ограничен број пијалаци и мезе до дочек со комплетно новогодишно мени и неограничен пијалак за некаде околу 50 евра по лице.