Граѓаните на Хрватска годинава ќе имаат можност да добијат субвенции за купување станови и куќи, како и за изградба на куќи, соопшти хрватското Министерство за градежништво. За овие цели годинава Владата во Хрватска одвои 50 милиони куни (околу 6,6 милиони евра).

Најголемата сума за која може да се добијат субвенции е 100.000 евра, односно 1.500 евра за метар квадратен.

Пријавувањето, како што се наведува, започнува во март, а на него претходи поднесување понуди од кредитни институции каде граѓаните ќе можат да се задолжуваат со државни субвенции за купување и изградба на недвижен имот.

Како што се потсетува, целта на овие субвенции е демографско обновување на општеството, урбана обнова на населените места, како и намалување на заминувањето на младите семејства во странство.

Субвенцијата се доделува за првите пет години од отплата на кредитот со можност за продолжување од две години за секое новороденче или посвоено дете во периодот на субвенционирање.

Субвенциите може да се продолжат за една година ако семејството имало или посвоило друго дете, како и ако некој од членовите на семејството станал инвалид.

Мерката може да ја користат сите граѓани до 45 години кои не поседуваат стан или куќа. Рокот на отплата на кредитот не смее да биде подолг од 15 години.

Субвенциите се обезбедуваат од 2017 година и за нив досега се потрошени над 60 милиони евра.

Тие изнесуваат од 30 до 51 отсто од ратата на кредитот, најголема за недвижности во неразвиените подрачја. Во висина од 30 отсто од месечната рата на кредитот се дава за недвижен имот во градови како Загреб.

Како што се додава, еден од позитивните трендови откако се дадени е намалувањето на просечната годишна ефективна каматна стапка (ЕИК). Тоа беше 2,17 отсто за тие заеми во 2021 година, а 3,35 отсто во 2017 година.

Досега во Хрватска се одобрени над 22.000 субвенции за станбен кредит.

 

Забрането превземање на содржината без претходно одобрение од редакцијата на БанкоМетар.мк