„HSBC Holdings Plc“ го објави најдобриот квартал од почетокот на пандемијата благодарение на подобрувањето на економските перспективи како резултат на оптимизмот за можноста на должниците да отплатат заеми, бидејќи банката продолжува со стратешкиот фокус кон Азија.

Добивката се зголеми двојно во првиот квартал како резултат на ослободување на 400 милиони долари лоши кредитни резерви, процес поттикнат од програмите за вакцинација на голем број пазари, како што е Велика Британија. Во првите три месеци од минатата година, банката издвои 3 милијарди долари за неисполнување на обврските за кредити, поради пандемијата.

Прилагодената добивка пред оданочување од 6,4 милијарди долари за трите месеци до крајот на март ги надмина прогнозите на аналитичарите и беше двојно поголема од претходната година. Инвестициската банка им се придружи на конкурентите, искористувајќи ги активните пазари, бидејќи зголемувањето на трговијата со акции од 55 проценти помогна да се зголемат приходите на дивизијата. Нето добивката беше 3,9 милијарди долари.

„Економските изгледи се подобрија, иако останува неизвесноста“, рече извршниот директор Ноел Квин во изјавата. „Очекуваме засилување во вториот квартал“, додаде тој.

Во февруари, најголемата европска банка објави промена во стратегијата по падот на профитот за време на пандемијата и рече дека ќе го прошири својот бизнис со богати клиенти во Кина. Во азискиот бизнис, заемодавателот заработува приближно исто како и претходната година.

Како дел од својата посветеност кон Азија, „HSBC“ овој месец потврди дека тројца од највисоките директори ќе се преселат во Хонг Конг, што значи дека поголемиот дел од банката ќе го управува регионот на дневна основа.

„Се повеќе ќе ја водиме банката како модел на двоен центар во Хонг Конг и Лондон“, рече главниот финансиски директор Илон Стивенсон. „Пренесувањето на повеќе можности во Азија е јасен стратешки приоритет“, додава тој.

„Префрливме голем број на сектори специјалисти и специјалисти за производи, особено во Азија“, рече Квин.

Сепак, преструктуирањето во Азија се соочува со локален отпор. Некои високи извршни директори во регионот на Голема Кина (Кина, Хонг Конг, Макао, Тајван) се загрижени дека преминот кон втората по големина економија во светот може да се забави со зголемена бирократија и нејасни сметки. Стивенсон во вторникот негираше каква било загриженост, велејќи дека регионот силно го поддржува овој потег.