Здружението на жени претприемачи има околу 300 членки, но интересот за членување се зголемува поради услугите и информациите што ги нуди тоа, како и поради потребата од здружување.

– Статистичките податоци за фирмите што ги водат жени покажуваат дека во најголем процент, повеќе од 90 отсто, се работи за микро и мали компании. Дури многу често говориме за нанокомпании, тоа се оние што се со еден или двајца вработени.

Најчесто тие фирми се од услужниот сектор за кој знаеме дека е најмногу погоден од пандемијата и се среќаваме со една ситуација кога не можеме да одговориме на потребите на пазарот затоа што не можеме ни да одговориме на потребите за одржување на една компанија поради ковидот – вели Валентина Дисоска, претседателката на Здружението на бизнис-жени.

Таа додава дека во оваа ситуација на пандемија кога не се решени многу други работи за да бидат заштитени и да можат да ја работаат својата работа како жени претприемачи бидејќи истовремено се грижат за семејството, за децата, работа од дома, сето тоа претставува многу голем товар за да може да се одржи во живот тоа мало или микропретпријатие.

– Од друга страна, услужните дејности се пресекоа и веќе нема никакви услови за таквите микро и мали компании што значи дека нема прилив. Ако нема прилив во компаниите, дури и ако успеат да ги земат субвенциите од Владата, тоа не е доволно за тие да преживеат. Тие компании што беа на стаклени нозе пред да почне пандемијата, сега веќе дефинитивно им се кршат стаклените нозе и имаме голем број затворени компании – нагласува Дисоска.

Тоа се случува во сите сектори, напоменува таа, не само кај жените претприемачи, но кај жените се работи за голем број.

Според неа, женското претприемаштво не е ставено во ниеден од пакетите мерки на Владата.
– Сметам дека Владата треба да има повеќе слух за жените во оваа сфера, не можат да ги ставаат заедно со другите поголеми или помали бизниси затоа што тие носат поголем товар во овие услови на пандемија – додава Дисоска.