Малите и средните компании во нашата земја најголем раст може да доживеат со дигитализација на развојот на иновативни решенија со што ќе бидат конкурентни на домашниот пазар.  Во целина тоа би значело зголемување на БДП и нови вработувања.

Минатата година ИКТ секторот учествувал со 7,8 % од вкупниот БДП, анализите покажуваат дека дигитализацијата е корисен процес и дека компаниите кои спровеле дигитална трансформација покажуваат раст од 20%.

„Дигиталното работење на компаниите во нашата земја и Западен Балкан, изнесува во просек 10% од вкупното работење на компаниите. Но позитивно е тоа што дури 63,3% од компаниите сметаат дека дигитализацијата претставува можност за унапредување на нивниот начин на работа. Вие секако дека мора да вложите во бизнисот, во дигитализацијата на процесот и на самиот бизнис, тоа вложување понатаму на компаниите им се враќа. Бројката од 26% тоа веќе од  ¼ на раст на компаниите, кога велиме раст ние велиме раст и во профитот на компанијата и во самиот човечки потенцијал, вработувањето“, вели Саша Огненовски претседател на ИТ комората при Сојузот на стопански комори.

Тој потенцира дека треба да се разбуди свеста на јавноста  и да се појасни дека процесот на дигитализација подразбира употреба на дигитална технологија за промена на бизнис моделите кои се неопходни за напредок и просперитет за нашето стопанство, и олеснување за компаниите да бидат конкурентни и подготвени на пазарот при влез на нашата земја во Европската Унија.

„Ако ги дочекаме овие процеси неподготвени ние компаниите ако немаме соодветна дигитализација, ние сме осудени на пропаст. Имаме од два аспекти гледање на нештата. Едниот е дали компаниите ќе сакаат да излезат надвор во Европската Унија ќе ни се отвори огромен пазар, ако нема дигитална поддршка на бизнисите не можеме да бидеме конкуретни на пазарот. Но имаме и друг момент, треба да бидеме свесни за една друга работа, кога ќе влеземе ние во ЕУ ќе бидеме дел од нивниот пазат“, додава Огненовски.

Темата за дигитализација е значајна за стопанството и економијата во Македонија и за нашиот понатамошен развој за влез во ЕУ и за раст на надворешните пазари. Во нашата држава ИТ секторот има голем потенцијал за раст и соодветни поттикнувања постои потенцијал за креирање на севкупен економски развој. Дигитализацијата е конкурентен процес и за да биде успешна потребни се професионални лица, стратегија и дигитализација на комапниите и технологиите.