Индија има план да биде меѓу петте најдобри светски производители на полупроводници во следните пет години, изјави Ашвини Ваишнав, министер за електроника и информатичка технологија, железници и комуникации.

Индустријата за чипови „е многу сложен пазар, а глобалните ланци на вредности и глобалните ланци на снабдување се екстремно сложени во сегашниот контекст“, рече Ваишнав во петокот на Си-Ен-Би-Си.

„Сметаме дека во следните пет години ќе бидеме меѓу првите пет најдобри нации за производство на полупроводници во светот. Се повеќе компании сакаат да ја намалат зависноста од Кина бидејќи тензиите меѓу САД и Кина не покажуваат знаци дека наскоро ќе завршат. А, од тоа Индија ќе има најповеќе корист“, истакна тој.

Моментно, Тајван држи околу 46% од глобалните капацитети на фабриките за полупроводници, а следат Кина (26%), Јужна Кореја (12%), САД (6%) и Јапонија (2%), се наведува во извештајот на компанијата за испитување на пазарот „Тренд Форс“.

Ваишнав вели дека Индија себе си се гледа како „сигурен партнер во лацецот на вредности“ за производителите на електронски уреди, индустриската и одбранбената електроника и енергетската електроника – „практично, за секој производител на електроника кој бара дизајнирање… и производство на полупроводници“.

Во четвртокот, американскиот гигант за чипови „Куалком“ (Qualcomm) отвори нов дизајнерски центар во Ченаи. Производителот ќе се фокусира на дизајн во безжичната технологија и ќе отвори 1.600 работни места во земјата.

„Почнавме да инвестираме во Индија пред таа да стане популарна. Таму градиме присутност повеќе од една деценија. Многу наши чипови се дизајнирани во Индија, а тоа присуство создава можности за голем број индиски компании“, изјави извршниот директор на „Куалком“ за Си-Ен-Би-Си.

Минатата недела премиерот Нарендра Моди свечено отвори три фабрики за полупроводници.

Една од тие фабрики е заеднички потфат помеѓу „Тата Електроникс“ и тајванската корпорација „Паверчип Семикондуктор“. Претседателот на корпорацијата, Френк Хуанг, во изјава за „Економик Тајмс“ рече дека целта им е до 2026 година да го создадат првиот индиски полупроводнички чип.