Индиска компанија купи два хотели на брегот на Охридското езеро. Во двата хотели работат и охриѓани, но и Индијци. Експертите велат странските инвестиции се добредојдени во туристичката индустрија. Вложувањата во хотелскиот сектор ќе придонесат за развој на локалната и националната економија.

Млад бизнисмен од Индија купи два хотели на брегот на Охридското Езеро. 27 годишниот Арун Чохан, живеел и се образувал во Англија, работел во компанијата за недвижности на неговиот татко. Сакал да го прошири бизнисот со вложувања во туризмот.

Истражувајќи ги европските пазари Охрид го видел како одлично место за инвестиции во хотелиерството. Едниот хотел во центарот на Охрид веќе работи, а хотелот Славија, во населбата Свети Стефан, кој со години беше затворен, сега се реновира, за да биде ре-отворен оваа летна сезона.

„Видов голем потенцијал овде. Хотелот Славија е доста голем објект, има простор за убава свадбена сала, сала за конференции и слично. Плажата е прекрасна има мало пристаниште за пловни објекти. Македонија има голем потенцијал, Охридското езеро всушност е преубаво и наликува на море. Овде сме веќе година и пол, сè уште инвестираме, го реновираме хотелот и планираме да го отвориме оваа сезона, вели Арун Чохан странски инвеститор.

Во двата хотели работат и охриѓани, но и Индијци. Индиската компанија „Кабана“ има и агенција која посредува за увоз на работна сила, па им помага и на останатите хотелско угостителски објекти да обезбедат персонал.

„Има голем дефицит на работници во земјава и тоа е голем проблем. Знам дека минималната плата во споредба со западна Европа е доста пониска овде, па голем дел од работната сила заминува во странство. Миграцијата на работна сила е тренд во сите земји. И останатите хотели се соочуваат со недостиг на работници, ние им помагаме ги снабдуваме со работници од Индија“, додава Чохан.

Охрид и земјава ќе го добијат и првиот ресторан со индиска традиционална храна. Експертите велат странските инвестиции се добредојдени во туристичката индустрија. Вложувањата во хотелско угостителскиот сектор ќе придонесат за развој на локалната и националната економија.