Намалена, но сè уште двоцифрена инфлација од 13 отсто измери статистика во април годинава. Министерот Бектеши смета дека ова се случува поради тоа што владините мерки дале резултати и сега земјава била со најниски цени во регионот. Дел од производите ќе бидат под мраз до крајот на месецов, а потоа или ќе продолжат мерките или ќе бидат построги. Веќе се воделе и преговори со Коморите. Бектеши очекува едноцифрена инфлација  во јуни.

Дел од експертите, пак, сметаат дека мерките не се хармонизирани со Централната банка. Велат во  дел од европските земји веќе има едноцифрена инфлација. Кај нас очекуваат тоа да се случи дури  во септември.

Едноцифрена инфлација би очекувале на крајот на третиот квартал. Замрзнатите цени не можат да го достигнат ефектот толку колку може да го достигнат падот на цената на чинење на енергенсите на светско ниво, а минималната плата само беше дел од социјалниот пакет на владата, а не и поттик на економски раст или, пак, борба против инфлација.

Мерките се нехармоницирани со Централната банка, која за жал ќе треба пак да интервенира со покачување на референтната каматна стапка, која не би требало да реагира ако имавме добри централни економски политики.

Изминатиот период имаше низа контроли за замрзнатите цени. Се поделија и кривични. На пазарите може да се забелеши дека овошјето и зеленчукот и натаму се со високи цени. И додека увозниците и пазарџиите се натегаат кој е виновен за тоа, Бектеши најави повеќе контроли и ги предупреди оние кои се нерегистрирани пазарџии. Највисока инфлација статистика измери во октомври лани кога достигна до речиси 20 отсто.