Ноември го завршивме со инфлација во 19,5% објави денеска државниот завод за статистика. Тоа значи дека ако лани во ноември сте имале 500 евра, тие денеска ви вредат 400 а инфлацијата ви ја изела останатата стотка.

Статистички цените на мало се зголемиле за 15,2%, а најмногу загрижува тоа што цените на храната во однос на ланскиот ноември, рипнале за дури 30%.

Ноемвриската стапка на инфлација е првата во 2022 година која бележи намалување во однос на онаа за претходниот месец. Пикот беше во октомври кога инфлацијата достигна 19,8%.

Своја математика денеска направи и синдикатот. Синдикалната кошничка за месец ноември достигна 51.714 што е за 200 денари повеќе од претходниот месец.

Последните податоци за просечната плата во септември покажуваат дека таа го достигнала нивото од 32.553 денари што е за околу 60 евра повеќе од истиот месец лани. Математички, тоа значи дека за една година платата се зголемила за 12,7%. Кога од ова ќе се одземе инфлацијата која достигна 19,5% може да се пресмета дека во просек, секој граѓанин денеска е за близу 7 проценти посиромашен од лани.