Инфлацијата во Соединетите Држави расте се побрзо, достигнувајќи 7,5 отсто на годишно ниво во јануари, што е највисок раст од февруари 1982 година, со што се поништува ефектот на зголемувањето на платите и се зацврстува одлуката на Федералните резерви за зголемување на каматните стапки, пренесува АП.

На месечно ниво, растот на цените достигна 0,6 отсто колку што беше во декември минатата година, објави денеска Министерството за труд.

Цените рапидно растат во целата економија, од храна и мебел до изнајмување станови, авионски билети и струја. Недостигот од залихи и работници, во комбинација со обилната помош на федералните власти, ултра ниските каматни стапки и силната потрошувачка, доведоа до скок на инфлацијата минатата година, а има малку знаци дека таа значително ќе забави во блиска иднина.

Платите растат со најбрзо темпо во последните 20 години, што може да ги натера компаниите да ги зголемат цените за да ги покријат повисоките трошоци за работна сила. Пристаништата и магацините се преоптоварени, бидејќи стотици работници во пристаништата во Лос Анџелес и Лонг Бич, најпрометните во земјата, отсуствуваа минатиот месец поради болест. Поради тоа имаше недостиг од многу производи и резервни делови.

Трошоците за изнајмување станови се зголемија за 0,5 отсто во јануари, што е најбрзо темпо во последните 20 години. Цените на струјата само во јануари пораснале за 4,2 отсто, што е најголем пораст во последните 15 години и за 10,7 отсто повеќе од претходната година. Минатиот месец мебелот и потребите за домаќинствата пораснаа за 1,6 отсто, што е најголем пораст за еден месец од 1967 година.