Социјалната мрежа Инстаграм моментално им овозможува на корисниците да ги прескокнуваат рекламите што им се појавуваат помеѓу различните фото и видео содржини. Меѓутоа, платформата моментално тестира нова функција наречена „ad break“ („пауза за реклами“), која корисниците нема да можат да ја прескокнуваат како досега – пренесува Би-Би-Си.

Според најавените промени, визуелните содржини споделени онлајн ќе прикажуваат тајмер кој ќе одбројува до нула пред да може да се продолжи со нормалната функционалност на платформата.

„Понекогаш можеби ќе треба да прегледате реклама пред да продолжите да прелистувате. Ние секогаш тестираме формати што можат да донесат дополнителна вредност за огласувачите“ – изјавиле од Инстаграм за британскиот јавен сервис, додавајќи дека ќе обезбедат дополнителни ажурирања доколку тестот резултира со трајни промени на форматот.

Во друго соопштение, од матичната компанија Мета посочиле дека тие секогаш експериментираат со нови производи и решенија за огласување во согласност со еволуирачките трендови кај потрошувачите и потребите на деловните субјекти.

Првичните реакции кај корисниците во однос на најавената промена се генерално негативни, вклучувајќи и најави за бојкот. Меѓутоа, останува да видиме какво ќе биде конкретното решение кое ќе го претстави Инстаграм и конкретните реакции на огласувачите и корисниците по воведената промена.