Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР) на сметките на 6.469 субјекти, исплати 220.265.958,00 денари за трета фаза произведено и предадено млеко.

Директорот на АФПЗРР, Никица Бачовски, информира дека станува збор за исплата на средства од мерката „директни плаќања за произедено кравјо, козјо и овчо млеко“.

„Согласно оваа мерка финансиска поддршка од 3,5 денари по литар произведено и предадено млеко е исплатена за фармерите кои имаат произведено кравјо млеко, додека 4,5 денари по литар добиваат сточарите кои во период мај – септември произвеле и предале овчо и козјо млеко. Заедно со денешната исплата од над 220 милиони денари на сметките на сточарите само за произведено и предадено млеко во 2020 година, исплатени се вкупно 483 милиони денари“, информира Бачовски.

Средства за исплата на земјоделски субвенции има, земјоделците се наш партнер и грижата за овој сектор е приоритет на оваа Влада. Агенцијата продолжува со пракса на неселективна исплата за сите кои правно – законски ги исполнуваат условите за добивање на финансиска поддршка во земјоделството.