Иуте Македонија започнува нова фаза од својот развој со влез на домашниот пазар на капитал и првата јавна емисија на корпоративна обврзница, како дел од стратегијата за долгорочен и одржлив раст.

По добиеното одобрение од Комисијата за хартии од вредност, компанијата ќе издаде петгодишна корпоративна обврзница во вкупна вредност од 3 милиони евра, со фиксна годишна каматна стапка од 8,5%. По пат на јавна понуда ќе бидат издадени 30.000 обврзници со номинална вредност од 100 евра кои ќе бидат достапни за запишување од страна на физички и правни лица. По завршувањето на јавната понуда и исполнувањето на законските услови, обврзниците ќе бидат достапни за тргување на Македонската берза, а инвеститорите ќе имаат можност да побараат реоткуп од страна на издавачот по истекот на третата година, согласно условите на Проспектот.

Во изминатите години, Иуте Македонија бележи континуиран раст на кредитното портфолио и деловните активности, што природно ја наметнува потребата од понатамошна диверзификација на изворите на финансирање. Досега, компанијата најголемиот дел од средствата ги обезбедуваше преку поддршката од матичната компанија Иуте Естонија, сопствените приходи од кредитната активност и други локални извори на средства, примарно домашни банки.

„Влегувањето на пазарот на капитал e важна пресвртница во развојот на Иуте Македонија, чекор кој има за цел да обезбеди поголема  диверзификација на изворите на финансирање и оптимизација на трошоците за финансирање на друштвото. Со оваа емисија, Иуте Македонија за првпат пристапува на домашниот пазар на капитал преку јавна понуда на корпоративни обврзници. Овој чекор се надоврзува на досегашниот развој на компанијата и на континуираното унапредување на нејзините деловни активности. Истовремено, веруваме дека развојот на домашниот пазар на капитал е значаен за проширување на инвестициските можности и за понатамошен развој на финансискиот пазар во земјата“, вели Нина Мојсова Ќосева, Финансиски директор на Иуте Македонија.

Покрај обезбедување нов извор на капитал за понатамошен развој, присуството на пазарот на капитал подразбира и уште повисоки стандарди на транспарентност, отчетност и корпоративно управување, што претставува дополнителна потврда за зрелоста и стабилноста на компанијата. Влезот на пазарот на капитал претставува логично продолжение на стратегијата за одржлив раст, оптимизација на финансиската структура и создавање уште постабилна основа за идниот развој.