Канцеларијата на извршителот Христо Јованов во периодот од 9 до 15 мај извршил присилна наплата на повеќе од 95 милиони денари, односно повеќе од 1,5 милиони евра, од сметката на Град Скопје, пренесува Фактор.мк.

Редакцијата на „Фактор“ уште пред една недела до Град Скопје испрати прашања за каква наплата станува збор, откако платформата „Отворени финансии“ покажа дека на посебна сметка на Канцеларијата на извршителот Христо Јованов се исплатени околу 95 милиони денари за неколку дена. Не добивме одговор која е причината за настанување на долгот, кој е доверителот и колку од парите се платени за основниот долг, колку за камати и колку за награда на извршителот.

Од платформата „Отворени финансии“ може да се види дека исплатите се одвивале по четири различни основи. Има повеќе од 30 трансакции кои се одвивале во период од неколку дена. Највисоката сума – 16.866.792 денари е исплатена на 15 мај. На 9 мај била исплатена највисоката вкупна сума – повеќе од 37 милиони денари.

Во истиот периодот на овие присилни наплати излезе во јавност и информацијата дека е блокирана сметката на Град Скопје, од каде што тоа за брзо време го демантираа, но од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска рекоа дека имало неплатени обврски кои се влечеле со години.

„За жал, точно е дека градот Скопје има неплатени обврски кон приватни субјекти, а во случајов се работи за долг кој го направил екс-градоначалникот Коце Трајановски, а потоа не успеал да го плати ниту екс-градоначалникот Петре Шилегов“, гласеше дел од тогашниот демант.

Истовремено во партиски соопштенија беше лиферувано дека Град Скопје, покрај блокираната сметка, се соочува со банкрот и тешка наплата на буџетски средства. Буџетот што го изгласа Советот за 2023 изнесува над 110 милиони евра.