Извршниот директор на Морган Стенли, Џејмс Горман стана најплатениот американски банкар. Неговата годишна плата порасна за 22 проценти, или шест милиони долари.

На директорот на Морган Стенли му беа исплатени дури 33 милиони долари за извршената работа на Волстрит во 2020 година, а во 2019 година доби 27 милиони долари. Според Ројтерс, неговата плата таа година паднала за седум проценти.

Всушност, структурата на приходите на Горман изгледа вака: основната плата е 1,5 милиони долари, бонусот во пари е 7,8 милиони долари, а наградата во акции е скоро 24 милиони долари. Две третини од наградата за акции е поврзана со резултатите. Тие беа фантастични, а бордот на директори го награди тоа.

Под негово водство минатата година за Морган Стенли беше рекорден во однос на финансиските перформанси, со нето добивка од 11 милијарди долари (пораст од 22%) и поврат на акциите од 15,2%. Годишните приходи беа 48,2 милијарди американски долари и пораснаа за 16 проценти, што им донесе скок на берзите и бран спојувања создадени по првичниот шок на пазарот по пандемијата на коронавирусот. Значи, нивниот последен квартал беше сензационален, со 51 процент раст на профитот.