Шест години по затворањето на Еуростандард банка, повторно се отвора прашањето дали Народната банка во 2020 година ги искористи сите можности за да се избегне нејзиниот стечај.

Повод за новите дилеми е случајот со Алта банка од Битола. Иако на банката ѝ беше одземена дозволата за работа во матичната Србија, како и во Црна Гора, во Македонија Народната банка одлучи да воведе администрација, со што ѝ овозможи да продолжи да функционира и да се зачуваат нејзиниот имот и работењето.

Овој случај покажува дека постојат различни механизми и инструменти што можат да се применат пред да се посегне по најдрастичната мерка – одземање на дозволата и отворање стечајна постапка.

Токму затоа повторно се наметнува прашањето за одлуката со која во 2020 година беше затворена Еуростандард банка. Зошто тогаш не беа разгледани или применети други можности за нејзина стабилизација, особено во период кога сопствениците вложуваа значителни средства за докапитализација?

Ако целта на Народната банка е да го заштити финансискиот систем, но и интересите на штедачите и клиентите, тогаш останува дилемата зошто инструментите што денес се применуваат во случајот со Алта банка не беа искористени и во случајот со Еуростандард банка.

Дали во 2020 година навистина беа исцрпени сите можности за спас на банката или можеше да се избере поинаков пристап, кој ќе ги заштитеше и штедачите, клиентите и сопствениците?

Ова се дел од прашањата што ги отвора колумната „Кого штити Народна банка“, во која повторно се проблематизира постапувањето на централната банка и различниот пристап кон двата банкарски случаи.