japanese-yen-notesЈапонскиот јен во средата зајакна на меѓународните девизни пазари, бидејќи инвеститорите се малку претпазливи во поглед на преземање на ризици, во услови на зголемена неизвесност во поглед на забавувањето на кинеската економија по неодамнешните слаби показатели.

Вредноста на доларот во однос на јенот ослабе за дополнителни 0,2 проценти на 112,44 јени, откако во вторникот падна за 0,7 проценти.

Еврото исто така ослабе во однос на јенот за 0,5 проценти, на 123,55 јени. Еврото ослабе и во однос на доларот за 0,3 проценти, на 1,0975 $.

Иако вообичаено добива на вредност во време на зголемена несигурност на финансиските пазари, еврото се најде под притисок на продажбата пред редовниот месечен состанок на Европската централна банка (ЕЦБ). На седницата, се очекува понатамошно спуштање на каматни стапки во негативна територија и најавеното проширување на програмата за монетарно олеснување со цел да се поддржи инфлацијата.

Оваа недела добитник на девизните пазари е јапонскиот јен, откако податоците од Кина покажуваат за најсилниот пад на кинескиот извоз во февруари во изминатите повеќе од шест години.

Слабите податоци од Кина го потенцираат ризикот со кој се соочува глобалната економија, како и очекувањата за поддршка со нови чекори за олеснување на монетарната политика на централните банки од ЕЦБ па се до Канада и Нов Зеланд.

Многумина од инвеститорите очекуваат ЕЦБ да ги намали каматните стапки на банкарските депозити за дополнителни 0,10 процентни поени, на минус 0,40 проценти.