Биткоинот беше во исклучително позитивен ритам последните денови и лесно го проби нивото од 15.500 американски долари. Деновиве, вредноста на првата криптовалута е на рекордно ниво во последните две години, а растот несомнено беше охрабрен од претседателските избори во САД.

Апсолутната рекордна вредност на биткоинот е забележана на 17 декември 2017 година – на ниво од 20.089 долари за биткоин. После тоа, цената постепено паѓаше и една година подоцна, на 15 декември 2018 година, биткоинот можеше да се купи за само 3.126 американски долари.

Ова лето, вредноста повторно нагло се зголеми – во август со криптовалутата се тргуваше за 12 000 американски долари, а во средината на октомври достигна 12 400 долари.

Според аналитичарите, цената на биткоинот се очекува да го скрши отпорот помеѓу 16 000 и 16 500 долари и да продолжи да расте на околу 20 000 долари по единица.

Претходно, аналитичарите на инвестициската банка ЈПМорган во извештајот изјавија дека биткоинот има голем потенцијал за раст затоа што му парира на златото подобро од другите валути. Експертите се убедени дека растот на цената на биткоинот и во 2021 година ќе продолжи.

 

Забрането превземање на содржината без претходно одобрение од редакцијата на БанкоМетар.мк