2021 година за градежниот сектор во Македонија беше катастрофална, оценуваат дел од градежните компании од Прилеп. Прво затоа што овој сектор зависел од капиталните инвестиции на држава кои ги немало, а друго затоа што поради бирократијата не можеле да добијат градежни дозволи. За да не се повтори 2021-ва бараат надминување на оваа пречка за идната година.

„Од стравот кој што постои кај вработените во локалната самоуправа од ставање на потпис на се по закон изработена градежно-техничка документација. Зошто е тој страв? Бидејќи во претходниот период за се што потпишало претходното раководство и сите членови на тоа одделение за урбанизам, имаат и по 10-тина неосновани кривични пријави“, истакна Гордан Бошкоски, градежна компанија.

И за прехранбената индустија оваа година била тешка со големи поскапувања на репроматеријалите, суровините и амбалажата. Очекуваат дека и пост ковид периодот во 2022-ра ќе биде тежок, а за да се надмине зголемуњето на цените очекуваат помош од државата.

„Ако тоа се амортизира тогаш ние ќе можеме непречено да произведуваме и да ги задржиме оние постоечки цени од кои што сепак на крајот на денот ќе има бенефит и оној последен купувач во ланецот на испорака на нашата роба, а и нормално би се продавале и поголеми количини“, рече Владимир Трпаноски, прехранбена индустрија.

Дел од извозно ориентираните текстилни компании 2021 ја оценуваат добро, а очекуваат да се справат без проблем и со предизвиците во 2022 година.

„Успешно беше тоа што и во година на криза ги набавивме сите потребни репроматеријали во фабриката, да произведеме и да доставиме до купувачите и со тоа да ги обезбедиме сите проекти кои беа договорени за да имаме добар пат за 2022 година и да ги задржиме сите купувачи“, кажа Филип Велески, текстилен сектор.

Дел од компаниите шансата за успех во 2022-ра ја гледаат и во „Отворен Балкан“, создавање на Балканска стопанска комора и оформување на безцаринска зона.