Пред пензија, но без работа – најтешко до нова позиција лицата што имаат околу 60 години
- Податоците на Агенцијата за вработување покажуваат дека има групи повозрасни лица што чекаат за вработување. Па така, на пример,
граѓаните што се на возраст од 55 до 59 години се најмногубројната група на невработени и ги има вкупно 12.745 лица. Следни се оние на
возраст од 50 до 54 години и тука има 11.531 невработени, по што следуваат највозрасните или граѓаните што имаат од 60 до 65 години и нивниот број достигнува 11.154 невработени
- Нашата земја во последните години спроведува повеќе програми за да им помогне на невработените побрзо да најдат работа, да стекнат нови знаење или да отворат своја компанија. Од Министерството за економија истакнуваат дека преку проектите на Агенцијата за вработување се тежнее да им се помогне на сите што сакаат да работат
Последниве години се забележува постојан пад на бројот на невработени лица во Македонија. Иако споредено со европските бројки и понатаму сме со повисоки стапки на невработени, сепак, состојбите се значително подобри од минатите години. Сепак, постои една категорија граѓани што се соочуваат со тешкотии да најдат работен ангажман. Станува збор за повозрасните граѓани, кои доколку останат без работа, потешко успеваат да најдат нова работа, особено ако им е потребна нова струка.
Податоците на Агенцијата за вработување покажуваат дека има групи повозрасни лица што чекаат за вработување. Па така, на пример, граѓаните што се на возраст од 55 до 59 години се најмногубројната група на невработени и ги има вкупно 12.745 лица. Следни се оние на возраст од 50 до 54 години и тука има 11.531 невработени, по што следуваат највозрасните или граѓаните што имаат од 60 до 65 години и нивниот број достигнува 11.154 невработени.
Какви опции имаат невработените?
Нашата земја во последните години спроведува повеќе програми за да им помогне на невработените побрзо да најдат работа, да стекнат нови знаење или да отворат своја компанија. Во Министерството за економија прашавме какви се изгледите и дали има посебни програми за граѓаните што повеќе години чекаат вработување или за граѓаните што се повозрасни. Нивниот став е јасен, преку проектите на Агенцијата се тежнее да им се помогне на сите што сакаат да работат.
– Постојат повеќе целни групи на невработени лица што можат да се вклучат во мерките за вработување, кои се во рамките на годишните оперативни планови за вработување. Основен услов е да бидат евидентирани во Агенцијата за вработување како невработени лица – активни баратели на работа – за да може да се вклучат во мерките за вработување – велат од Министерството за економија и труд за „Нова Македонија“.
Оттаму нагласуваат дека лицата што бараат работа и се пријавуваат во агенцијата подолго од една година може да аплицираат за која било од мерките во оперативниот план.
– Една од целните групи се „долгорочно невработени лица“, што подразбира невработени лица – активни баратели на работа, евидентирани во Агенцијата за вработување подолго од една година. Оваа целна група може да се вклучи во која било од мерките за вработување содржани во годишните оперативни планови за вработување – посочуваат од Министерството.
Сепак, како што може да се забележи и од нивниот став, вработувањето на повозрасните граѓани останува проблематично.
– Во однос на граѓаните што се неколку години пред пензија и дали има мерки што овие граѓани може да ги искористат за да најдат работа додека исполнат услови за влез во пензија, одговорот е дека се ограничени од аспект на возраста, односно со исклучок на мерката Самовработување, во која може да аплицираат жени до 58 години и мажи до 60 години, за другите мерки за вработување може да аплицираат лица од наведената група, но предност им се дава на целните групи, пред сѐ млади до 29 години, Роми, жени и слично – укажуваат од Министерството.
Од месец на месец сѐ помалку невработени
Оттаму додаваат дека дел од невработените лица исто така може да бидат и сезонски вработени во согласност со Законот за работно ангажирање лица, кој започна да се применува од 1 јануари 2026 година.
– Законот овозможува легално работно ангажирање на вработени, невработени, пензионери, студенти и ученици, без губење на стекнатите права (пензија, социјална помош, детски додаток, надоместок за невработеност и слично). Според процените на Министерството за економија и труд, со законот се очекува формализирање на повеќе од 17.000 лица, кои претходно работеле неформално. Со измените од јули 2026 година се прецизира дека едно лице може да биде ангажирано сезонски – најмногу 60 дена годишно. Работодавецот, пак, може да користи работно ангажирање најмногу 180 дена во текот на една календарска година – појаснуваат од Министерството.
Инаку, според податоците на Агенцијата за вработување, бројот на невработени од почетокот на годинава бележи благ пад. На почетокот на годината имало 90.214 невработени граѓани, а веќе во февруари бројот се намалил на 89.340 невработени. Во март има ново намалување и тогаш вкупно биле невработени 88.661 граѓанин, а веќе во април нивниот број се намалил на 87.621 граѓанин. Трендот продолжил и во мај, кога биле пријавени 86.116 граѓани што биле невработени. Во јуни оваа бројка спаднала на 88.541 граѓанин.
Оваа година се забележува намалување и на граѓаните што се пријавуваат во групата други лица што бараат работа. Овде грубо бројките се движеа околу 42 илјади и, за споредба, во јануари имаше 42.917 пријавени лица, додека, пак, во мај бројот спадна на 41.281.