Има индиции дека летово ни претстои крипто-зима.

Тежок период но и период кој ќе пружа можности.
Во bull пазари сите се профитери, сите знаат што прават. А rising tide lifts all boats. Но во bear пазари се открива кој пливал без гаќи.
Тука е и мојот старо-нов совет за вас – Почни да заработуваш во крипто.
Иде лето. Повеќето, вакцинирани или не, ќе итаат кон мориња.
Ти направи поинаку. Посвети го цело ова лето на работа.
Крипто зима е период кога цените на крипто токени драстично поевтинуваат. Некои стануваат безвредни.
Најди ги своите две три омилени крипто компании. Понуди им ги твоите услуги. Посебно ако се во рана фаза, токенот уште не им апрецирал.
Како да ги најдеш? Не е тешко. Имаш сајтови како CryptoJobsList. И плус ќе ти кажам и една финта. Држи на око проекти што лансираат ICO преку launchpads (DuckDAO, Polkastarter и други). Речиси секој крипто стартап што лансира преку Launchpad наскоро ќе бара квалитетни луѓе. Зачлени им се во Телеграм групите. Ќе видиш дека секој од нив пушта покана кон членовите на заедницата да аплицираат за работа.
Нека идат другите на море. А ти наместо тоа изнајми си куќа на село за следните два месеци. Најди работа во рана крипто компанија. Биди платен во нивниот крипто токен. Да, во крипто зима цените не идат никаде, или идат надолу, ќе ти се чини дека е безнадежно, ќе сакаш да се откажеш од заработката деноминирана во нивниот безвреден токен.
Издржи. Затоа ти реков – иди во село, минимизирај си ги трошоците на живот, за да не мора предвреме да продадеш ниту една единица во токенот во кој си платен.
Искористи ја оваа крипто зима паметно. Акумулирај токени од рани крипто стартапи, држи ги, не тргувај со крипто токени, дури и со популарни крипто токени, заработувај, заработувај, заработувај, минимизирај трошоци на живот овие неколку месеци.
Ако се иде по план, до кај крајот на летото кога средната класа со нивните стомаци и нивните мрсулави деца ќе си иде од одмори и цените на туристичките места ќе паѓаат, ти ќе си отпатуваш, ќе си го имаш целото место за себе и ќе го спознаеш интимно, тивко, без брзање, без тоцкање.
И плус ќе имаш акумулирано крипто токени од проекти што си ги проценил како квалитетни, а сега откако крипто-зимата ќе почне да се повлекува и пазарот би почнал да ги препознае како такви.
А ако не испадне така – па што? Рековме дека си пошол во село, си минимизирал трошоци за живот, не си изгубил ништо.
Колку би изгубил, колку би ти бил downside потенцијалот од ваквата одлука – 500 евра целото лето? Чудо големо. Дури ни тие 500 евра не се загуба во права смисла на зборот бидејќи си стекнал работно искуство во крипто-сферата. Оваа индустрија е сеуште жедна за професионалци за луѓе кои ако не повеќе, барем знаат да разликуваат Proof-of-Work и Proof-of-Stake. Со тоа новостекнато професионално искуство, тебе ти се отвараат вратите и кон веќе добро етаблирани крипто компании.
А колку би ти бил upside потенцијалот да во случај играта испадне како што треба?
Го гледаш моментот така? Низок или речиси никаков downside, огромен Upside.
Звучи логички?

Почни да планираш уште сега.