Цената на златото на светските берзи драстично расте. Килограм злато во моментов се продава за околу 60.000 евра. Драстично е порасната и цената на среброто кое во моментов е 700 евра за килограм. Сопствениците на златарските дуќани во земјава велат дека последниве десет години цените вртоглаво растат, посебно кога има економска криза и војна, кога дополнително се зголемуваат цените на жолтиот метал.

Македонските златари велат дека секоја следна набавка на златниот накит е минимум за десет отсто поскапа од претходната.

– За десет години цената на златото е двојно зголемена. Ако на берза се продаваше за 25.000 до 30.000 евра сега е 60.000 и оди нагоре. Кај среброто пак цената е за 500 проценти повисока од пред 15 години. Веројатно станува збор за откуп на златни прачки од големите држави кои ги користат за резерви. Тоа е висока политика, но нам многу ни е битно, бидејќи малку од луѓето можат да си дозволат да купат златен накит – вели златар од Стара чаршија.

Според него, во моментов расте и цената на среброто, па килограм се продава по 700 евра. Тој додава дека малкумина можат да си дозволат златен накит, но и среброто последните години станува луксуз.

Светските експерти велат дека кога ќе ги погледнете цените на акциите на жолтиот метал, можете да видите дека при секое навестување на криза и војна се зголемува неговата вредност. Објаснуваат дека тоа е логично, бидејќи тој метал е безбедно засолниште за капиталот.