Кина објави дека ќе изземе 16 категории производи , увезени од САД од обврската да плаќаат царина , со што се покажува добра волја во пресрет на продолжетокот на преговорите за трговската војна со САД.

Производите вклучуваат масло за подмачкување, лекови за рак и некои растворувачи, се вели во соопштението на кинеското Министерство за финансии.

Одлуката за изземање се совпадна со одлуката на кинеските и американските трговски тимови да продолжат со преговорите за ставање крај на трговската војна што ја нарушува светската економија. Преговорите ќе продолжат на почетокот на октомври.

Укинувањата на царините се „знак на добра волја“ пред разговорите, според кинескиот весник , Глобал тајмс.

На почетокот на септември, САД воведоа 15 проценти тарифи за увозот на кинески производи во вредност од 112 милијарди долари, вклучувајќи телевизори, книги, пелени и спортски чевли.

Во исто време, взаемните кинески тарифи од пет и 10 проценти стапија на сила за увоз на стока од  САД во вредност од 75 милијарди долари.

Овој потег претставуваше последна фаза од ескалацијата на трговската војна, во која Вашингтон го обвинува Пекинг за неправедна трговска практика, кражба на интелектуална сопственост и дискриминација врз странските компании за пристап до домашниот пазар.