Во последните две години, Србија постанала светски рекордер според приливот на кинески капитал и кредитното задолжување од Кина. Алармантните податоци кај северниот сосед не се идентични со состојбата во Северна Македонија, која во изминативе три години немала забележителна инвестиција од Кина или кредит којшто бил подигнат од надлежните власти. Албанија и Косово се на самото дно според приливот на кинески капитал. Овие податоци се дел од истражувањето „China Global Investment Tracker“ на Американскиот институт за претприемништво и Фондацијата Херитиџ.

„China Global Investment Tracker“ е единствениот меѓународен извор на јавни податоци, каде што се обезбедени сеопфатни податоци за глобалните вложувања и финансирања на проекти за периодот од 2005 до 2022 година од страна на Кина.

Во однос на Северна Македонија, во базата на податоци се наведени три крупни кинески проекти, и тоа два проекта од „Пауер Чајна“ (Power China) во делот на инвестиции во транспортната инфраструктура во ноември 2013 и декември 2014 година, како и кинеската компанија „Синемах“ во април 2019 година како инвестиција во недвижностите. Вкупната сума на трите инвестиции изнесува 650 милиони долари. Всушност, компанијата „Синохидро“ во базата се наведува како „значаен соработник“ на „Пауер Чајна“.

Ваквиот кинески капитал наведен во „China Global Investment Tracker“ кореспондира со земениот кредит од кинеската Ексим банка за изградба на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид.

Во оваа база не може да се пронајдат податоци за кинески капитал инвестиран во Албанија и Косово во периодот од 2005 до 2022 година. Наспроти ова, Србија e светски лидер според земените кредити и приливот на капитал од Кина во 2021 и 2022 година. Српскиот неделник „Недељник“ пишува дека првата кинеска инвестиција во Србија била во 2010 година за изградба на делница од патниот Коридор 11, во вредност од 260 милиони долари.

„Доаѓањето на власт на Српската напредна партија го означи големиот пресврт во изборот на стратешки партнери во финансирањето на српската сообраќајна и енергетска инфраструктура и воопшто во развојот на српската економија. До 2012 година главен извор на капитал за Србија беше Западот (државите членки на ЕУ и САД) од каде освен кредити, пристигнуваа и значајни финансиски средства во вид на донации“, пишува српски „Недељник“.

Во богатото портфолио на кинески капитал што е влезен во Србија, станува збор за кинески кредити кои имаат огромна вредност од 13,98 милијарди долари. Притоа, нашиот северен сосед користел кинески средства за изградба на автопати, железница, комунални услуги, гасификација, енергетски проекти, но и за инвестиции во српското Електростопанство и Телеком Србија, се наведува во опсежната анализа на овој српски медиум.

Покрај кинески кредити, Србија во изминативе неколку години привлекла директни кинески инвестиции во висина од над 3 милијарди долари. Притоа, инвестициите од 2016 година до денес вклучуваат првенствено вложување во рудникот „Бор“ и во железарницата во Смедерево, како и во фабрика за автомобилски гуми. Главни инвеститори се „Зиџин Мајнинг Груп“, „Хестил Груп“ и „Шандонг Линглонг Тајр“.

„Интригантен е податокот дека Србија постанала светски лидер во задолжувањето кај кинеските банки и компании токму во периодот кога прекуморската инвеистициска експанзија на таа држава – поради ковид-19 пандемијата и проблемите со кои се соочила нејзината економија – значително се намалила“, пишува Недељник.

Во делот на Црна Гора, податоците од базата на податоци на „China Global Investment Tracker“ велат дека привлекувањето на кинескиот капитал во вредност од 1,12 милијарди долари е насочено кон две инвестиции. Над една милијарда долари се инвестирани во транспортната инфраструктура преку „Чајна Комјуникејшнс Констракшн“ во март 2014 година, додека инвестиција од 100 милиони долари следела и во ноември 2017 година од „Стејт Пауер Инвестмент Корпорејшн“ во секторот Енергетика.

Во регионот на Западен Балкан, големо присуство на кинески капитал е забележано и во Босна и Херцеговина. Во оваа земја биле инвестирани 3,05 милијарди долари, при што забележливо е дека инвестициите и кредитите од Кина драстично пораснале во периодот по 2019 година, покажува истражувањето „China Global Investment Tracker“ на Американскиот институт за претприемништво и Фондацијата Херитиџ.

Во делот на инвестиции во БиХ, од Кина се слеале 610 милиони долари, вклучувајќи ги „Пауер Чајна“, „Синомах“, „Чајна Нонфероус“ и „Шандонг Гаосу“ во транспортот, енергетиката и металите. Кинеските инвестиции се однесуваат за периодот од 2019 до 2021 година.

Над 2,44 милијарди долари од БиХ биле земени како кредити од Кина за изградба на автопатишта, хидроелектрани, инвестиции во гасификацијата и производството на јаглен. Подигнатите кинески кредити го вклучуваат периодот од 2010 до 2022 година.

Кинеските инвестиции се намалуваат

 

Според податоците од истражувањето „China Global Investment Tracker“, кинеските инвестиции во економија и кредитирања во инфраструктурни проекти во периодот од 2005 до 2022 година изнесувале дури 2,27 трилиони долари во дури 140 земји од светот. Притоа, најголема област на кинеска активност во светот останува енергетиката, но за важно се смета и инвестирањето на Кина во иницијативата „Појас и пат“.

„„China Global Investment Tracker“ е единствениот сеопфатен јавен сет на податоци што ги опфаќа глобалните инвестиции и градежништвото на Кина, кои се документирани и одделно и заедно. Вклучува речиси 4.000 големи трансакции во транспортот, металите, имотот, технологијата и другите сектори (како и повеќе од 350 проблематични трансакции)“, се наведува во истражувањето.

„Недељник“ пишува дека аналитичарите од Американскиот институт за претприемништво и Фондацијата Херитиџ покажува дека пред пандемијата, кинеските инвестиции во странство во периодот меѓу 2017 и 2019 година изнесувале 390 милијарди долари. По ковид пандемијата, од 2020 до 2022 година имало кинески инвестиции во висина од 133 милијарди долари во меѓународни рами. Ова практично значи дека со појавата на ковид пандемијата се стишил и кинескиот интерес за вложување во странство.

Што тврди Кина во македонските медиуми?

 

За разлика од истражувањето на Американскиот институт за претприемништво и Фондацијата Херитиџ, кинескиот амбасадор во С.Македонија Џанг Ѕуо во редовните интервјуа и колумни за дневните весници „Нова Македонија“ и „Вечер“ го шири наративот за Кина како предводник на глобалниот развој и за земја-лидер на светската економија.

Па така, во колумната за весникот „Вечер“ на 28 декември 2022 година, амбасадорот Ѕуо пишува дека глобалниот развој доаѓа до критичен момент откако Кина ја предложила иницијативата за глобален развој (GDI). Притоа, во колумната амбасадорот пишува дека оваа иницијатива на Кина се залага дека светот треба да се грижи за посебните потреби на земјите во развој, особено ранливите кои се соочуваат со исклучителни тешкотии.

Не помалку важно во настапот на кинескиот амбасадор преку македонските медиуми е и индиректниот притисок Ѕуо што го упатува кон македонските власти, за кои подигањето кредити од Кина во изминативе неколку години не претставува приоритет.

Па така, неколку месеци претходно, амбасадорот Ѕуо во интервју за весникот „Вечер“ на 8 јуни 2022 година одговара дека Кина во последниве години придонела со околу 30 отсто во светскиот економски раст, а кинеската економија е најголемиот мотор на светскиот економски раст. Сепак, во делот на односите со земјите од Западен Балкан, кинескиот амбасадор во Северна Македонија смета дека земјава е важен партнер на Кина за Балканот.

Преку ова интервју, кинескиот амбасадор им порача на македонските власти дека тие ќе ги охрабруваат кинеските компании да учествуваат во проекти токму во инфраструктурата и енергијата, но и дополни дека се надева оти „Северна Македонија ќе обезбеди недискриминаторска деловна средина со рамноправни терени за кинеските претпријатија“.