Гулабот-писмоносач од белгиската одгледувачница денес е продаден на аукција на кинески купувач по рекордна цена од 1,6 милиони евра, објави „Pigeon Paradis Pipa“, специјализирана страница што ја организираше продажбата.

Гулабот по име Њу Ким, кој потекнува од добро позната одгледувачница во областа Антверпен, стана најскапата птица од овој вид продадена во светот.
Претходниот рекорд го држеше машкиот гулаб Армандо, од друга одгледувачница во Фландрија, кој беше продаден во 2019 година за 1,24 милиони евра.

„Мислам дека ова е светски рекорд, бидејќи никогаш порано не е продадена птица по толку висока цена“, изјави извршниот директор на платформата Pigeon Paradis Pipa, Николас Гизелбрехт.

На двегодишна возраст, гулабот стана омилен на натпреварите. Во 2018 година ја освои титулата најдобар гулаб во Белгија.

Елитните европски гулаби станаа сè попопуларни низ целиот свет во последните неколку години, особено во Кина, каде одгледувањето гулаби може да донесе огромни профити.

Интересот на богатите купувачи, од Азија или земјите од Заливот, доведе до скок на цените на овие „шампиони“, чија задача некогаш во натрпеварите е да се вратат дома инстинктивно, и понекогаш треба да прелетаат стотици километри.

Одгледувањето гулаби е традиција која е вкоренета во Белгија, но исто така и во Холандија или на северот на Франција. Само во Белгија има околу 20 000 одгледувачи на гулаби наменети за натпревари на високо ниво.

 

Забрането превземање на содржината без претходно одобрение од редакцијата на БанкоМетар.мк