Евтините производи можеби се добра вест за потрошувачите, но за домашните производители можат да претставуваат сериозна закана. Европската Унија сè повеќе се соочува со проблемот на нелојална трговска конкуренција, при која странски компании пласираат производи по цени со кои европските производители тешко можат да се натпреваруваат. Проблемот е особено изразен во индустриите за челик, хемикалии, керамика, автомобили, храна и текстил. Европските компании мора да ги покриваат повисоките трошоци за работна сила, енергија, суровини и исполнување на еколошките стандарди, додека дел од странските конкуренти произведуваат под значително поповолни услови- пишува Еуроњуз.

Токму затоа ЕУ користи механизми за трговска заштита, меѓу кои антидампинг и антисубвенциски мерки, со кои настојува да спречи нарушување на конкуренцијата на единствениот европски пазар. Еден од примерите за ваквата конкуренција е италијанската керамичка индустрија, особено во регионот Емилија-Ромања, кој е еден од најважните европски центри за производство на керамички плочки.

Овој индустриски регион остварува годишен промет од околу осум милијарди евра и директно вработува приближно 20.000 луѓе, а дополнителни илјадници работни места зависат од него индиректно.

Сепак, производителите предупредуваат дека нивната позиција е загрозена од увозот на евтини плочки од Индија. Според Грацијано Верди, извршен директор на италијанската групација „Италцер“, индиските производители за само неколку години освоиле седум проценти од европскиот пазар, а нивниот пазарен удел во последната година пораснал за повеќе од 60 проценти.

Иако ЕУ воведе царини за индиските керамички плочки, италијанскиот сектор смета дека тие не се доволно високи за да обезбедат рамноправна конкуренција. Поинаква е оценката за мерките против кинескиот увоз. Според Верди, европските институции реагирале навреме и со соодветни царини, по што уделот на кинеските керамички производи на европскиот пазар се намалил на помалку од еден процент.

Евтиниот увоз веќе уништи дел од европското производство

Последиците од силната конкуренција најдобро се гледаат кај производството на садови. Според претставниците на индустријата, евтините кинески производи имале сериозно влијание врз малите и средните европски претпријатија, до степен што голем дел од производителите биле принудени да го напуштат пазарот. Проблемот е дополнително усложнет од високите трошоци за енергија. Производството на керамички плочки бара печки што работат на температури до 2.000 степени Целзиусови, што значи дека енергетските поскапувања директно ги зголемуваат производствените трошоци.

Во такви услови, европските компании тешко можат да се натпреваруваат со производители од земји во кои работната сила и енергијата се поевтини, а еколошките стандарди се помалку строги. Европската Унија располага со неколку инструменти за трговска одбрана.

Антидампинг мерките се користат кога странски производители извезуваат стоки по цени пониски од нивната нормална вредност, а со тоа нанесуваат штета на европската индустрија. Антисубвенциските мерки, пак, се насочени кон производи чие производство е поддржано со државни субвенции од земјата извозник, што им овозможува на компаниите да понудат цени со кои европските производители не можат рамноправно да се натпреваруваат.

Дополнително, во 2023 година ЕУ ја воведе Регулативата за странски субвенции, со која се овозможува контрола на финансиската поддршка што странски компании ја добиваат од своите влади. Целта е да се спречи странската државна помош да им овозможи на одредени компании неправедна предност при учество на големи јавни тендери и преземање европски бизниси. Претставниците на европската индустрија предупредуваат дека масовните државни инвестиции во одредени сектори можат да создадат прекумерни производствени капацитети и да ја нарушат конкуренцијата. Според нив, постои опасност Европа да ги изгуби сопствените производствени капацитети додека се обидува да ги исполни високите еколошки и климатски цели.

Еден од примерите за ефектот на европските мерки е индустријата за електрични велосипеди. Во 2019 година беа воведени антидампинг царини за увозот на електрични велосипеди од Кина, по што увозот од оваа земја се намалил за повеќе од 80 проценти. Тоа им помогнало на европските производители да ја подобрат својата конкурентска позиција.

Меѓу нив е и холандската семејна компанија „Најланд“, која произведува товарни велосипеди и специјализирани велосипеди за лица со ограничена подвижност. Директорот Кун Најланд смета дека локалното производство е важно за квалитетот и безбедноста на производите. Компанијата самостојно ги извршува дизајнот, конструкцијата, боењето, склопувањето на тркалата и финалното составување.

Неговата порака е дека производството во Европа не треба да се оценува само според цената, туку и според квалитетот, безбедноста, стандардите и работните места што ги обезбедува. За европските институции предизвикот е да најдат рамнотежа меѓу пристапните цени за потрошувачите и заштитата на домашната индустрија. Без еднакви услови за натпревар, предупредуваат производителите, Европа ризикува да изгуби значаен дел од својата индустриска база.