Крипто пазарот е под голем притисок и се уште работи со прилично големи загуби. Откако пред два дена почна да се придвижува во позитива, изминативе 24 часа повторно се во црвено речиси сите криптовалути.
Најпознатата криптовалута Биткоинот во моментов вреди 36.420 долари и има пазарна капитализација од нешто под 690 милиони долари. Тоа значи дека биткоинот од 10-ти ноември кога го достигна својот историски максимум од 68.789 долари до сега има речиси двојно помала вредност, а и пазарната капитализација е намалена за неверојатни 572 милиони долари.
Втората најпозната криптовалута Етериум вреди 2.370 долари и бележи пад од 3,40% во изминатите 24 часа.
Инвеститорите кои вложуваат во криптовалути се надеваат дека ова е само мал пад, но сакале да признаат или не пад од над 30-40% проценти не може да се оправда со “мали незначителни осцилации”.
Кои се причините за падот на криптовалутите?
Една од причините е дека криптовалутите се во корелација со движењето на светските берзи.
Вредноста на криптовалутите се движи паралелно со акциите кои продолжија да паѓаат од почетокот на годината и штотуку излегоа од својата најлоша недела во последната година. Инвеститорите продаваа ризични средства како што се акциите на технолошките компании, како подготовка за заострената монетарна политика на Федералните резерви, пишува CNBC”.
Друга причина е тврдењето на аналитичарите дека биткоинот ја следи пазарната структура на берзанскиот индекс „S&P500″.
Аналитичарот под псевдонимот „Capo“ графички го поддржува своето тврдење дека биткоинот ја следи пазарната структура на „S&P500″ од 1999 до 2009 година во временска рамка од две недели. Ако BTC го следи сценариото, движење под 30.000 долари ја става монетата во позиција да се искачи на ново историски највисоко ниво (All-Time High).
Третата причина е најавата на неколку земји за забрана на употребата и тргувањето со криптовалути.
Големи светски велесили како Кина и Русија најавија забрана за каква било употреба на криптовалути, нивно тргување или „рударење”. Поточно Кина уште претходната година забрани употреба и тргување со криптовалути, а тоа изминатиов период го најави и Русија. Тоа е една од најголемите причини за високиот пад на криптовалутите, ако се знае дека Русија е третата најголема земја по САД и Кина по „рударење” и чување на криптовалути.
Дополнителна причина за падот на криптопазарот се и најавите на голем број земји за дополнителни регулативи за криптовалутите, меѓу кои најзначајни се САД и Русија.
Против криптовалутите одат и најавите на шефот на ФЕД, Џером Пауел за зголемување на референтните каматни стапки за годинава во четири наврати, како дел од борбата против високата стапка на инфлација. Тоа ќе значи и почеток на крајот на евтините кредити и негативните каматни стапки. Поскапите кредитни задолжувања ќе го забават растот на економијата, а тоа дополнително негативно ќе се рефлектира врз светските берзи, а тоа значи дека доколку криптовалутите се движат во корелација со движењето на светските берзи, тогаш криптопазарот го очекува нов црвен бран.
Аналитичарите и криптоинвеститорите сметаат дека ова е само корекција на цената и многу брзо ќе дојде до стабилизација на крипто пазарот, а очекувањата се дека биткоинот ќе го надмине историскиот максимум, па дури некои одат и со проекции од над 100.000 долари.
Но, она што е точно во моментов е дека крипто пазарот крахира и се наоѓа во многу незавидна позиција.
Дали крипто пазарот целосно ќе колабира или некој дебело ќе ја наплати оваа распродажба на криптовалути останува да видиме во период што претстои.