Во периодот 01.01-31.12.2017 година Комерцијална банка АД Скопје оствари нето добивка за финансиската година во износ од 820,6 милиони денари наспроти 779,4 милиони денари остварена нето добивка во минатата година која бележи пораст од 5,3%. Планираната бруто-добивка за 2017 година е остварена со 98,3%. Остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето е за 14,2% повисока во однос на минатата година што се должи во најголем дел на зголемувањето на останатите приходи од дејноста (реализирани капитални добивки од продажба на преземени средства и од наплатени претходно отпишани побарувања).

Овој резултат Банката го оствари во услови на натамошно влошување на квалитетот на кредитното портфолио, при што негативните настани поврзани со работењето на неколку поголеми клиенти придонесоа загубата за оштетување на финансиските средства значително да ги надмине проекциите за годината. Поради тоа, Банката преземаше напори за надминување на состојбите преку прудентно управување со активата, спроведување организациски измени во насока на зајакнување на наплатата на проблематичните кредити и продолжи со поинтензивни активности за продажба на преземениот имот по основ на ненаплатени побарувања.

Вкупните приходи од работењето изнесуваат 5.165,8 милиони денари и бележат зголемување од 10,2% во однос на минатата година.

Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и истите бележат намалување од 0,3% во однос на истиот период од минатата година. Планот е исполнет со 89,6%. Движењето на каматните приходи и расходи во последниот квартал од годината беше под влијание на промената на каматната политика во насока на исклучување на прилагодливите каматни стапки и примена на фиксни и променливи каматни стапки кај новите договори за кредити, депозити и кредитни картички, а согласно препораките од НБРМ со цел минимизирање на правниот и репутациски ризик, поголема транспарентност во работењето и заштита на клиентите.

Нето приходите од провизии и надоместоци на 31.12.2017 година изнесуваат 825,7 милиони денари и во однос на состојбата од крајот на минатата година бележат намалување од 4,5% заради поинтензивниот раст на расходите за провизии поврзани со картичното работење и едновремено намалена динамика на раст на приходите од провизии заради намалени активности кај дел од клиентите поради политичката ситуација во земјата, намалување на надоместоците согласно конкурентските услови на пазарот и поинтензивното користење на електронското банкарство од страна на клиентите. Планот е остварен со 99,4%.

Нето приходите од курсни разлики на 31.12.2017 година изнесуваат 119,5 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година бележат намалување од 10,4%. Планот е остварен со 91,9%.

Останатите приходи од работењето на Банката на 31.12.2017 година изнесуваат 1,073 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година бележат зголемување од скоро два пати, главно како резултат на остварена поголема капитална добивка од продажба на преземен имот по основ на ненаплатени побарувања од клиентот Скопски саем АД Скопје и повеќе наплатени претходно отпишани побарувања споредено со минатата година. Планот е остварен со 312,9%.

Оперативните расходи за периодот 01.01-31.12.2017 година изнесуваат 1.769,7 милиони денари и во однос на истиот период минатата година се зголемени за 3,3% како резултат на зголемените расходи за вработените и останати расходи од дејноста.
Планот е остварен со 98,3%.

Исправката на вредност на финансиските средства на нето основа на 31.12.2017 година достигна износ од 2.381,3 милиони денари и во однос на истиот период минатата година бележи зголемување од 35,8%. И покрај планираното натамошно влошување на кредитите на правни лица, нето-исправката на финансиските средства за 2017 година е значително зголемена во однос на планот како резултат на непредвидено влошување на состојбите кај неколку поголеми корпоративни клиенти.

Загубата поради оштетување на нефинансиските средства на нето основа достигна износ од 102,5 милиони денари и бележи намалување од 70,5% во однос на претходната година. Банката во 2017 година призна 20% оштетување на имотот преземен по 01.01.2010 година чија нето-вредност треба да се сведе на нула најдоцна до 01.01.2018 година, а дел од оштетувањето се однесува на преземен имот по основ на ненаплатени побарувања кои во моментот на преземање не биле целосно оштетени.

Планот е исполнет со 26,8% како резултат на донесен заклучок од Одборот за управување со ризици за сведување на нула на нето-вредноста на имотот преземен по 01.01.2010 година на ден 01.01.2018 година, имајќи го предвид оптоварувањето на Билансот на успех со непланирана дополнителна исправка на вредност за кредитите на неколку поголеми клиенти.

Целосниот финансиски извештај можете да го погледнете тука.

31.01.2018  09:32