Откако државата најави дека ќе изаде граѓанска обврзница, експертите очекуваат граѓаните да загризат за новите оврзници, иако и досега можеле да инвестираат во државни обврзници преку банките. Зголемување на популарноста на обврзниците, а со тоа и зголемено инвестирање во нив од страна на граѓаните ќе води кон развој на финансискиот пазар во земајва, пишува Фактор. Дополнително, воведувањето на граѓански оврзници по потенцијално повисоки камати отколку банкарските камати ќе предивика и раст и кај каматите на депозитите. Ова за Фактор го потенцира универзитетскиот професор Марјан Петрски.

Тој појаснува дека иако и досега граѓаните можеле да купуваат државни обврзници, преку банките, не станува збор за сосема нов инструмент, но дополнува дека најавата води кон поголема популаризација која може да ги придвижи состојбите на финансискиот пазар во земајва.

 Државна обврзница граѓаните можеа да купат и досега, преку банките, па не станува збор за нов инструмент или некаква посебна иновација. Со поголема популаризација и со дезигнирање на одредни обврзници дека се наменети стрикно за граѓаните, ќе се помогне финансискиот пазар да стане нешто подлабок од што е сега, бидејќи ќе се поттикне не само купување на иницијалната понуда од граѓаните, туку и понатамошна купопродажба на секундарниот пазар.Граѓаните ќе имаат повеќе опции за да ги инвестираат своите вишок средства – посочува Петрески.

Професорот за нашиот портал вели дека со овој чекор, државата ќе си обезбеди финансии по пониска цена во споредба со задолжувањата на меѓународните пазари.

 Државата ќе може да обезбеди финансирање на своите потреби, потенцијално по пониска цена од меѓународното задолжување кадешто условите моментално се затегнати и очекувам дека такви ќе останат уште некое време. Меѓутоа, да забележиме дека издашноста на домашниот пазар е зададена односно ограничена, па понудата по повисоки каматни стапки од банкарските ќе доведе до нагорно придвижување и на тие каматни стапки, што значи дека не очекувам дека евентуален ексклузивитет на државата кон тие извори на средства ќе трае долго, односно пазарот ќе се врамнотежи за брзо. Тоа и не е толку лошо, бидејќи моментално пасивните каматни стапки реагираат на затегнувањето на монетарната политика многу побавно од активните каматни стапки, што го проширува рапсонот, односно е поволно за банките и нивните акционери – укажува Петрески.

Фактор веднаш по пресот на министерот за финансии, Фатмир Бесими, објави дека од месец јуни ќе започне издавањето на граѓанските обврзници, со кои се очекува да се соберат 50 милиони евра.

– Како што најавивме во план е издавање на обврзници, како граѓанската, развојна и зелени обврзници. Прво почнуваме со граѓанската, која не се воведува поради празна државна каса, туку со цел проширување на финансиските инструменти. Со ова ќе им се овозможи на граѓаните да купуваат обврзници со кои ќе можат да тргуваат на берзата. Со ова граѓаните ќе можат да ги користат парите кои ги имаат заштедено за купување обврзница, а тие пари ќе се искористат за инвестиции – појасни Бесими.

Од друга страна, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска не очекува дека издавањето на граѓанската обврзница ќе има позначајни ефекти врз банкарскиот сектор.

– Станува збор за издавање на обврзница во износ од 50 милиони евра во денарска противвредност. Тоа е исклучително мал износ во споредба со депозитниот потенцијал во банкарскиот систем којшто тековно изнесува околу 8 милијарди евра така што не би се очекувало дека тоа би имало некои позначајни ефекти врз банкарскиот систем – посочи гувернерката.

Граѓанската обврзница ќе биде двегодишна, на минимален износ од 10.000 денари.Како што претходно пишавме, годинава во план е да се емитуваат граѓански обврзници во износ од 50 милиони евра, а каматната стпака да биде повисока од онаа на депозитите во банките, но пониска од каматите по кои се задолжува државата на финансиските пазари.