Комерцијална банка АД Скопје во првите шест месеци од 2026 година оствари добивка од 2,798 милијарди денари, односно околу 45,5 милиони евра, покажува финансискиот извештај на банката.

Иако добивката е за 5,5 проценти пониска во споредба со истиот период минатата година, кога изнесувала 2,960 милијарди денари, банката наведува дека го надминала планираниот финансиски резултат, реализирајќи 110,9 проценти од предвидената бруто-добивка.

Вкупните приходи од работењето во периодот јануари–јуни достигнале 4,336 милијарди денари, што претставува намалување од 3,3 проценти на годишно ниво.

Најголем удел во приходите имаат нето-приходите од камати, кои изнесуваат 3,476 милијарди денари и бележат раст од 2,4 проценти. Од банката посочуваат дека тоа се должи на поголемите вложувања во државни хартии од вредност, како и на растот на кредитирањето на домаќинствата и компаниите.

Во исто време, приходите од провизии и надоместоци се зголемиле за 6,6 проценти и достигнале 661,5 милиони денари, што, според банката, е резултат на поголемиот обем на активности со клиентите.

Од друга страна, нето-приходите од курсни разлики се намалени за 8,4 проценти, а останатите приходи од работењето се пониски за 38,6 проценти, главно поради помалата капитална добивка од продажба на преземен имот.

Оперативните расходи изнесуваат 1,256 милијарди денари и се зголемени за 4,4 проценти во споредба со истиот период лани, најмногу поради повисоките трошоци за плати и амортизација.

Во извештајот, Комерцијална банка наведува дека и во наредниот период ќе продолжи со кредитна поддршка за граѓаните и компаниите, со фокус на одржување на квалитетот на кредитното портфолио, дигитализација на услугите, модернизација на деловната мрежа, подобро управување со ризиците и усогласување со новите регулативи во финансискиот сектор.