Претставничкиот дом на Соединетите Американски Држави (САД) во саботата усвои пакет помош за закрепнување од пандемијата на коронавирусот вреден 1.900 милијарди долари, за чие усвојување инсистираше и американскиот претседател Џо Бајден.

Пакетот помош беше усвоен во Долниот дом со 219 гласа „за“ и 212 „против“, а сега ќе биде испратен до Сенатот.

Помошта е наменета да плати за вакцини и медицинска опрема и за нова рунда итна финансиска помош за домаќинствата, малите бизниси и државните и локалните власти.

Пакетот помош, исто така, вклучува 1.400 американски долари за директна помош за физички лица, 400 американски долари неделно бенефиции за невработени до 29 август и помош за граѓани кои имаат потешкотии во плаќањето кирија и хипотеки за време на пандемијата на коронавирусот.

Ако овој пакет за економска поддршка биде усвоен во Сенатот, тогаш тој ќе оди на потпис кај претседателот Бајден.