Сé погласни се најавите за можно замрзнување на цените, мерка позната од комунистичкото минато. Со слична најава се огласи и Крешниќ Бектеши, Министер за Економија.

Ја користам приликата да го прашам министерот дали чува будно око врз светските финансиски пазари – бидејќи тешко дека консултациите со Стопанската Комора што е назгмуцана со партиски кадри ќе му даде јасен сигнал што вистински се случува.

Ајде да фрлиме јасна претстава врз нештата.

Минатата недела пишував како ценовен скок не смее да биде поистоветуван со инфлација. Посочив како на светските пазари уште на пролет се јавија лажни паники околу можна инфлација само поради периодичното зголемување на цените на клучните индустриски суровини.

 

Железна руда (Iron Ore, 62%, FE, CFR Futures)

 

Дрвена граѓа (LBSX1)

Паладиум (PAZ1:N)

Го гледаме образецот?

Кај сите клучни суровински бази гледаме параболичен раст на цените што кулминира во почетокот на Мај 2021, проследен со драматичен пад на истите уште во Јуни. Со други зборови, стравувањата за инфлација беа неосновани.

Деновиве во центарот на вниманието е растот на цената на енергенсите – јаглен, природен гас, нафта. Нивните цени повторно и сугерираат на експертската јавност дека на повидок е инфлација.

Но дали е на повидок инфлација?

Оние што ги служи малку подолга меморија ќе се присетат на почетокот на 2018 година кога се одвиваше истото сценарио. Крајот на 2017 година повторно беше проследен со драматичен раст на цената на суровините за да на почетокот на 2018 година, паралелно со засилување на доларот повторно паднат, додека цените на суровата нафта и гас продолжија да пробиваат нагоре за да конечно после неколку месеци и тие крахираат.

Зошто го велам ова?

Заради тоа што суровата нафта и гасот спаѓаат во категоријата на заостанувачки индикатори (Lagging indicators) односно индикатори што каснат. Ако историјата ни е учител, може да очекуваме дека ваквиот скок на цените на енергенсите набргу ќе го следи падот на цените на индустриските суровини, што се случи уште во Мај оваа година.

Сегашниот раст на енергенсите нема цврсти фундаменти, не е базиран на издржано зголемување на агрегнатната побарувачка и економски раст и затоа е разумно да очекуваме корекција оваа есен. А ова значи дека не треба да се избрзуваат со мерки за контрола на инфлација (што суштински ја немаме) преку мерки од типот на замрзнување на цени.

Веќе реков претходно дека она што е полошо од (имагинарна) инфлација е воведување мерки за контрола на таа инфлација.

 

Пишува: Блаже Аризанов