Главните крипто-берзи Coinbase, Kraken и Binance се под зголемен притисок да го ограничат пристапот до платформите за сите корисници од Русија, а не само за санкционирани поединци. Другите големи играчи во крипто индустријата веќе презедоа акција и работат на елиминирање на потенцијалните протекувања на информации во рамките на нивните програми за спроведување санкции.

Најголемата светска берза на незаменливи токени (NFT) Open Sea, која забележа размена вредна пет милијарди долари во јануари и неодамна достигна капитална вредност од 13,3 милијарди долари, наводно од петокот го забранила пристапот до иранските корисници, пишува Форбс.

Infura, алатка која се користи за создавање децентрализирани апликации како што се платформи за тргување и видео игри, неодамна го ограничи пристапот на корисниците во Венецуела.

Поради оваа мерка, корисниците повеќе не можат да го користат најпопуларниот дигитален паричник MetaMask. На блогот на оваа апликација, компанијата MetaMask индиректно ги призна наметнатите забрани, нагласувајќи дека корисниците лоцирани во санкционирани области ќе добиваат пораки за грешка на интернет доколку се обидат да пристапат до паричникот.

MetaMask и Infura се во сопственост на американскиот фонд ConsenSys, чиј бизнис е фокусиран на етер криптовалутата.

Имајќи предвид дека забрзаната изолација на рускиот финансиски сектор од остатокот од светот со негово исклучување од системот SWIFT и ставање на руските банки на црната листа, споменатите мерки најверојатно не се случајни.

Замрзнатите средства на руската централна банка се во вредност од околу 630 милијарди долари, а регулаторите во САД и Европа во моментов спроведуваат истрага за да утврдат дали руските функционери и олигарси ќе се свртат кон криптовалутите за да ги префрлат парите надвор од Русија.