Овој април во однос на минатиот се издадени одобренија за изградба на една третина повеќе објекти од високоградба, а за речиси 33 проценти е поголем и бројот на станови предвидени за изградба. Зголемена е и квадратурата на становите што веќе почнале да се градат со априлските дозволи, и тоа вкупно за околу 22 процента, додека за над 12 проценти е зголемена корисната површина. Градежниците практично сега надоместуваат за минатогодишниот застој во станоградбата, кога изѕидаа само 3.235 станови.

Изградбата на нови станови е во пораст и покрај тоа што последниот попис откри дека во државата има над 300 илјади празни. Наспроти овој податок, и цената на квадратот достигна досега невидено високи цени.

Општините во април годинава дозволиле изградба на 199 објекти со 752 стана, со вкупна површина од речиси 62 илјади квадратни метри. Ова е висока бројка ако се знае дека годишната продукција се движи од 5.000 до 6.000, што значи дека месечно во просек се градат по 500 до 600 станови.

Овој април во однос на минатиот се издадени одобренија за изградба на една третина повеќе објекти од високоградба, а за речиси 33 проценти е поголем и бројот на станови предвидени за изградба. Зголемена е и квадратурата на становите што веќе почнале да се градат со априлските дозволи, и тоа вкупно за околу 22 процента, додека за над 12 проценти е зголемена корисната површина. Градежниците практично сега надоместуваат за минатогодишниот застој во станоградбата, кога изѕидаа само 3.235 станови.

Изградбата зема замав иако станува сè поскапа. Анализата на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија покажува дека во периодот од март 2020 до март 2021 година, цената на челичните профили и цевки пораснала за 33 проценти, од март 2021 до јуни 2021 за дополнителни 33 проценти, а до крајот на годината и до 95 проценти. Од почетокот на пандемијата до крајот на претходната година, поскапувањата кај оплатата, геокомпозитот, термоизолацијата ЕСП, заштитните премази, полимер-битуменот за асфалт и металните профили надминаа 50 проценти.

– Она што загрижува е што е неизвесен крајот на поскапувањата на материјалите, кои со особено изразен интензитет продолжија од почетокот на оваа година и не се очекува стабилизација на поскапувањата во сезоната која следува, што се одразува врз целокупниот деловен амбиент и работењето на градежната индустрија – велат од Здружението.

Новите, високи цени на материјалите, сепак, одат на сметка на граѓаните. Кандидатите за купување стан се шокирани од цените што ги бараат инвеститорите. Денес речиси е невозможно, барем во главниот град, да се најде стан со цена на квадрат под 1.000 евра. На пример, во Керамидница стан во градба се продава за 1.100 евра квадрат, иста е цената и за готовите станови во Маџари, цената на становите во Тафталиџе веќе надмина 1.400 евра, во Ѓорче Петров за квадрат стан во градба се бараат 1.200 евра, а стан од 98 квадрати во Кисела Вода е огласен на продажба по „екстра“ цена од 130 илјади евра, што значи еден квадратен метар е поскап од 1.300 евра. Во Охрид, пак, новите станови се продаваат по цена од 1.400 евра за квадрат, па и повеќе, во зависност од локацијата. Народна банка објави податок дека во првиот квартал годинава квадратот поскапел за 12,4 проценти на годишно, а за 2,9 проценти на квартално ниво.

Сепак, барем како што кажуваат градежниците, продажбата расте. И Катастарот го регистрира тоа. Во првиот квартал од оваа година имало речиси шест илјади продажби, за разлика од истиот период лани, кога и покрај драстично пониските цени, регистрирани се нешто помалку од 4.800 продажби.

Како и обично, во април најмногу градежни дозволи се издадени во Скопскиот регион, но големо раздвижување овој пат има во Вардарскиот. Секој трети стан за чија градба е издадено одобрение во април е во Скопје, каде што се градат вкупно 248 нови станови. Градежна експанзија во Скопскиот регион има во Гази Баба, каде што е предвидена изградба на 180 нови станови, додека најатрактивната општина за градење, Центар, издала одобренија за градба на 31 стан. Во Аеродром е издадена дозвола за градење еден, а во Кисела Вода и Карпош за ниту еден нов стан. Во Вардарскиот регион, во кој досега речиси и немаше новоградби, сега се градат 142 стана, од кои 129 во Кавадарци. Во Источниот регион, со априлските одобренија се градат 10 станови, во Југозападниот 123, од кои 88 во Охрид, во Југоисточниот 64, во Полошкиот 153, во Пелагонискиот само 12, а во Североисточниот регион не е издадена ниту една градежна дозвола за изградба на станови.