Прекините во снабдувањето и зголемените трошоци за енергија се очекува да се олеснат следната година, што би значело значително помала инфлација, но периодот на нормализација на цените ќе трае подолго од очекуваното, изјави шефицата на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард.

ЕЦБ очекува остар пад на инфлацијата следната година, откако потрошувачките цени се зголемија за 4,1 отсто во октомври, според проценките на Евростат, најсилниот во последните 13 години.

Лагард упорно ги отфрла сугестиите дека треба да се заостри монетарната политика во еврозоната, повторувајќи ја пораката на ЕЦБ дека условите за зголемување на каматните стапки најверојатно нема да бидат исполнети следната година, бидејќи се очекува инфлацијата потоа да падне под планираните два отсто, пренесува Хина.

Во септември, ЕЦБ прогнозираше дека инфлацијата во еврозоната следната година ќе се спушти во просек до 1,7 отсто, а во 2023 година до 1,5 отсто.

Европската комисија (ЕК) во есенските прогнози, објавени минатата недела, процени дека следната година ќе изнесува 2,2 отсто, а во 2023 година ќе се лизне на 1,4 отсто.

„Сè уште очекуваме дека инфлацијата ќе ослабне следната година, но сепак ќе биде потребно повеќе време од првично очекуваното“, рече Лагард во понеделникот во говорот пред Комитетот за економска политика на Европскиот парламент (ЕП).

Таа наведе дека доцнењата во синџирите на снабдување веројатно ќе бидат нешто поблаги во следната година, а фјучерс договорите за енергија покажуваат значителен пад на цените, што упатува на заклучок дека инфлацијата ќе ослабне, дури и ако процесот на нормализирање на цените трае.

Лагард истакна дека платите може да реагираат и на инфлацијата, повторувајќи дека ЕЦБ сè уште верува дека цените нема да растат со текот на времето преку секундарни ефекти.

„Проценуваме дека платите би можеле да пораснат можеби посилно следната година отколку оваа година, но ризикот од несакани ефекти останува ограничен“, рече Лагард.

Таа додаде дека индустријата е под притисок, што може да резултира со послаб економски раст.