Поевтинувањето на млечните и на сувомесните производи се очекува во првите неколку месеци од наредната година

Откако ќе се „печат“ на поевтина струја, лебот и другите пекарски производи ќе бидат првите што ќе поевтинат во трговската мрежа, покажуваат првите калкулации. Од друга страна, за да се произведе кашкавал или сирење се потребни два до три месеци, па така поевтинувањето на млечните производи ќе се види низ маркетите во првите неколку месеци од наредната година.

Кај месната индустрија, работењето на поевтината струја нема да има особен ефект ако не се надмине проблемот со царината на увозното месо за преработка. Компаниите од месниот сектор бараат укинување на оваа давачка, која по три години повторно им се наплаќа од јуни годинава, а тоа ги прави сосема неконкурентни во однос на саламите што влегуваат во земјава со „0“ царина. Сумирано, доколку сувомесните производи добијат суровина без царина и добијат поевтина струја, тогаш и оваа храна ќе поевтини, вели за „Слободен печат“ Даниела Михајловска Василевска, менаџер во Стопанската комора на Македонија.

– Онаму каде што најбрзо би можеле да се почувствуваат ефектите од поевтината струја е секако пекарската индустрија, бидејќи таму производството е од ден за ден. Но, мора да се потенцира специфичноста на млечните преработки, таму процесот на производство особено кај сирењата и кашкавалите трае од два до три месеци. Така, ако поевтината струја почне да „тече“ од први декември, јасно е дека намалувањата на млечните производи нема да започнат од тој датум – објаснува Михајловска Василевска.

Таа посочува и на темпото на склучување договори со ЕСМ, бидејќи во изминативе денови има сериозен наплив на компании што ги поднесуваат документите, па доколку некои од нив почнат со производството на поевтина струја од јануари, очекуваното поевтинување на пазарот ќе се пролонгира.

– Секоја компанија ќе ги намалува процентуално цените на производите во зависност од процентот на учество на енергијата во крајниот производ, но многу е важно во овие месеци да не дојде до нарушување и на другите производи што ја „ѕидаат“ крајната цена. Што ќе рече да стискаме палци суровините, амбалажата и другите инпути да останат исти, бидејќи нивните цени се зголемија многукратно во текот на оваа година. Почнувајќи од 2021 година, но особено со почетокот на украинската криза, суровините од кои нашата држава е особено зависна се во постојан раст, а ние како држава немаме влијание врз тој процес – вели Михајловска Василевска.

Пресметките покажуваат дека при цена од 500 евра за мегават-час електрична енергија, учеството на енергенсите во крајната цена на месната и на мелничката индустрија беше 15 отсто, а сега откако ќе склучат договори за поевтина енергија, тоа ќе падне од 2 до 5 отсто, што е сериозно намалување. Кај млечната индустрија состојбата е поинаква, бидејќи таму речиси секој месец има барање за зголемување на откупната цена, што во комбинација со енергијата, амбалажата дава сосема друга ситуација.

– Едно е млекото, а друго е останатата палета производи од млечната индустрија. Затоа да почекаме, па да видиме како ќе се одвиваат работите. Моментот на поевтинување на струјата е само едната страна на медалот, калкулациите се прават за да бидат задоволени сите страни. Државата си има свои институции и тие треба да си ја вршат работата на терен, да се воочат евентуални нерегуларности, но сметаме дека евентуалното ново замрзнување на цените би било кобно за економијата – предупредува Михајловска-Василевска.