Додека Мицкоски постојано ја убедува јавноста дека Македонија е лидер и дека сме трета светска економија – Евростат ја закова Македонија на европското дно.

Реалната индивидуална потрошувачка во Македонија изнесува само 42% од просекот на Европската Унија, а БДП по жител достигнува едвај 49% од европскиот просек. Тоа значи дека државата што ДПМНЕ ја продава како економско чудо не успева да стигне ниту до половина од европскиот животен стандард.

Најстрашниот податок е јазот што се открива. Македонија не заостанува за Европа за 5 или 10 проценти, туку за 58% во однос на реалната материјална благосостојба. Тоа е бездна! Тоа е економска пустелија што ДПМНЕ се обидува да ја прекрие со прес-конференции и патетични самопофалби. Нема поголем политички цинизам од тоа да зборуваш за економски подем, додека официјалната европска статистика покажува дека граѓаните располагаат со помалку од половина од она што го има просечниот Европејц!

Македонија тоне и во споредба со регионот. Додека нашата реална индивидуална потрошувачка е само 42% од европскиот просек, Србија достигнува околу 51%, што значи дека македонскиот граѓанин располага со речиси 1/5 помала реална потрошувачка и од српскиот. БДП по жител кај нас е 49% од просекот на ЕУ, а во Србија околу 56%. Значи, Мицкоски не ја донел Македонија меѓу европските лидери, туку го гледа грбот и на соседството, додека тој произведува титули, рекорди и измислени подиуми.

Ниту приказната дека Македонија е евтина земја може да го прикрие овој пустош. Реалната потрошувачка е само 42%, што покажува дека приходите и јавните услуги се многу помизерни од цените. Производите можеби номинално чинат помалку од европските земји, но македонскиот работник располага со толку обезвреднет труд што и по тие цени купува драматично помалку.
Тоа е доказ дека Македонија не е евтина за живеење, туку евтина за експлоатација. Евтин е трудот, платите, евтина е државата за крупниот капитал, а животот на граѓанинот е сведен под половина од европската вредност.

Мицкоски може да си доделува медали и секој квартал да ја прекрстува Македонија во нова економска сила, но овие бројки се потврда на тоа зошто граѓаните не ги чувствуваат тие лидерски врвови на Мицкоски. Кога премиер на земја со помалку од половина од европскиот стандард се претставува како економски победник, тоа е смеење во лице на сиромашните. ДПМНЕ произведува фанфари за бедата, ја шминка сиромаштијата и бара од граѓаните да аплаудираат додека им го краде правото на достоинствен живот.