Најновиот извештај на Државниот завод за ревизија за работењето на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) тоне во финансиски проблеми, според Левица.
Од оваа партија оценуваат дека јазот меѓу приходите и расходите е сѐ поголем, а тоа, како што велат, значи дека Фондот сѐ потешко ги обезбедува парите за исплата на пензиите и станува сѐ позависен од државниот буџет.
Ревизорите, додаваат од таму, дадоа неповолно мислење и за финансиските извештаи и за законитоста на работењето, што значи дека ПИОМ има сериозни пропусти и во управувањето со парите и во почитувањето на законите. Ова пак, според Левица, го отвара прашањето за тоа како се трошеле милијарди денари на граѓаните уплаќани во Фондот.
Од Левица наведуваат дека според ревизорскиот извештај расходите за исплата на пензии достигнале над 90,2 милијарди денари, што ги зголемило трансферите од државниот буџет за покривање на дупката на застрашувачки 36,71%.
„Овој дефицит директно се прелива во уништување на здравствениот систем, бидејќи ПИОМ свесно ги доцнел уплатите за придонеси кон Фондот за здравствено осигурување дури осум месеци, со што натрупал долг од 8,4 милијарди денари. Ова директно ја загрозува финансиската состојба на јавното здравство и правото на граѓаните на соодветна медицинска нега.
Истовремено, доцнело и префрлањето на средствата кон приватните пензиски друштва од вториот пензиски столб. Нераспределените придонеси достигнале речиси 2,6 милијарди денари, што значи дека граѓаните со месеци чекале нивните пари да бидат префрлени на личните пензиски сметки“.
Еден од најголемите проблеми за Левица е односот меѓу осигурениците и пензионерите.
„Денес на еден пензионер доаѓаат само 1,63 осигуреници. За овој проблем државата покажува тотална негрижа, а со сѐ помал број работници кои плаќаат осигурување Фондот сѐ потешко ги плаќа обврските. Дополнително државата останува без работници бидејќи лошите економски политики доведуваат до масовно иселување на работоспособното население.Наместо да функционира како модерна корпорација и одржлив модел кој ќе гарантира сигурност за пензионирање на генерациите кои го носат товарот, државата дозволува тотален административен хаос.
Понатаму, наместо ефикасно управување, ревизијата покажува проблеми со наплата на побарувањата, недоволно искористување на имотот и недостаток на кадар во важни сектори на ПИОМ. Скандалозно е тоа што приватните пензиски друштва остваруваат профити нудејќи сигурност, додека државниот фонд, под палката на власта, незадржливо пропаѓа и е во финасиска була“.
За излез од оваа криза, сугерираат од партијата, неопходно е веднаш да се спроведе итна финансиска консолидација преку воведување автоматизиран систем за пренос на придонесите во реално време, со цел да запре нелегалното задржување на туѓи пари.
„Покрај ова, мора да се изврши комплетна професионализација на управувачкиот кадар, пополнување на клучните сектори со докажани експерти наместо партиски послушници и попис и ревизија на имотот со кој располага Фондот за да се активира „мртвиот“ државен капитал“.
Бараат итна одговорност од раководството на ПИОМ, предовдено од Никола Мемов кадар на ЗНАМ, и од ресорното министерство, а Јавното обвинителство, мкако што велат, да ги испита сите наводи во Ревизорскиот извештај и да утврди дали и кај кого е одговорноста за пропустите што се констатирани. „Парите на пензионерите не се партиски залог, а пензискиот ситем е премногу важен за општеството за да се остави да функционира на ваков расипнички начин“.