Претседателот на Австриската стопанска комора, Харалд Махрер, ​​посочи дека lockdown-от или заклучувањето на оваа земја чини 1,7 милијарди евра неделно.

Тој се залага за постепено и забрзано отворање на деловните активности кои страдаат од заклучувањето. Во Австрија бизнисите се затворени скоро три месеци поради пандемијата на коронавирусот.

Махрер предупреди дека доколку бизнисите не се отворат до 8 февруари, загубите ќе бидат во милијарди евра.

„Заклучувањето чини 1,1 милијарди евра секоја недела, и ако на тоа се додадат дополнителни ефекти, тогаш таа сума ќе порасне на 1,7 милијарди евра“, нагласи тој.

Во интервју за австрискиот портал Хеуте, тој изјави дека продолжувањето на заклучувањето ќе значи, како што рече, уништување на работните места до Велигден.

Махрер смета дека повторното отворање на бизнисот во овој момент би било безбедно и дека социјалните партнери се согласуваат. Тој потсети дека има протоколи за тоа како да се однесуваме во пандемија, дека маските FFP2 мора да се носат, луѓето да се тестираат и вакцинираат.

Тој исто така го поддржува предлогот по повторното отворање, бројот на луѓе што можат да бидат во продавниците и другите простории каде што се даваат услуги да биде ограничен.

Австриската стопанска комора спроведе истражување меѓу граѓаните кое покажа дека 72 проценти од испитаниците го поддржуваат отворањето деловни активности до 8 февруари. Од друга страна, беше наведено дека 14 проценти од нив сметаат дека треба да останат затворени.

Работодавците ги повикуваат властите да им овозможат што побрзо да работат и да предупредат на крајно негативните последици доколку тоа не се случи, пренесува австрискиот весник Куриер.