Производителите на грозје вчера го исполнија плоштадот во Кавадарци. Тие на протест го искажаа револтот од лошите состојби во лозарството. Ги повторија своите барања за повисока откупна цена. Протестот на кој повика здружението „Напредни лозари“ беше поддржан и од ново формираното здружение „Тиквешки лозаро овоштари“ и од Конфедерацијата на синдикални организации.

-Излеговме на протест за подобри цени на грозјето, без политика. Доколку не се постигнат цените кои ги бараме од винариите, да има дополнителни државни субвенции за да се постигне производствената цена на грозјето. Исто така, во иднина, бараме закон за вино како тој за тутун, договорни цени пред гроздобер, аванси до 20 проценти од договореното производство, откупувачите да имаат обезбедено парични средства пред откуп, слободен извоз на грозје, нагласи Кулев. “ – рече претседателот на „Напредни лозари“, Трајче Кулев.

На протестот свои обраќања имаа дваесетина лозари од двете земјоделски здруженија. Сите беа едногласни дека откупната цена не смее да биде пониска од 16 денари за најевтиното винско грозје, во спротивно пониските цени ќе значат и крај за производството на грозје.