Европскиот парламент изгласа и одобри поддршка за Северна Македонија од 100 милиони евра, преку инструментот за Макрофинансиска помош.

Од прес-службата на Владата информираат дека Комитетот за меѓународна трговија го поддржа предлогот на Европската комисија, со што средствата од овој инструмент наскоро ќе бидат ставени на располагање.

Следува потпишување на Меморандум за разбирање помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија, по што средствата од овој инструмент ќе бидат достапни во две транши, се вели во соопштението.

Од Владата потенцираат дека оваа помош е условена со доброто владеење и управување со јавните финансии, односно самиот инструмент е поврзан со имплементацијата на политики поврзани со управувањето со јавните финансии, даночниот систем, јавно-приватни партнерства, подобрување на деловната околина, фискалната транспарентност, транспарентноста во доделување на државна помош, енергетска ефикасност, реформи во правосудството, како и борбата против корупцијата.

Предвид се зема и Инструментот за претпазливост и ликвидност кој Министерството за финансии минатата година го обезбеди преку ММФ, а кој Фондот го има само со земји со здрави економски фундаменти.

Владата го поздравува одобрувањето на Макрофинансиската помош за нашата земја, која е уште еден од многуте примери за партнерството кое го имаме со ЕУ и нивната континуирана поддршка кон нас. Заложбата на нашата Влада за спроведување на реформите и покрај повеќе напоредни глобални економски кризи изминатите години, се најдобар доказ за посветеноста кон европскиот пат и желбата нашата иднина да биде во рамки на големото европско семејство, додаваат од прес-службата.