Дури се тегниме со бугариве кој сме и што сме, и дури ние го потенцираме апсурдниов факт дека постоиме, еве да направиме една ретроспектива како изгледаме од страна – доколку некој великомаченик сака да не посети.

Омразата меѓу македонскиот и бугарскиот народ расте правопропорционално со бројот на отворени „културни клубови“ од двете страни на ветвата ограда, што некој ја викаат граница.

Овие „културни клубови“ со имиња на фашистички дејци и зликовци кои се отвараат во нашава џамахирија се отвараат со цел за некакво егзархиско влијание и а-ла Гутенберг печатници за бугарски пасоши, и тоа ни е на сите јасно.

Мене не ми е јасно овој нашиот клуб во Благоевград што го отворивме и сами си пукаме во нога, зошто ни е? И зошто стиховите од тој деецот чие име го носи се напишани на чист бугарски јазик. Е јакиот иридентизам и сепаратизам на Македонците во Бугарија, кога на влезот во клубот стиховите се напишани на друг јазик од македонскиот… Каков е тој македонски клуб со стихови на бугарски јазик? Па ние сами си ги комплицираме работите. Значи, традиционално, без никаква потреба, овој клуб е отворен од инает. Традиционалниот, исконски, вечен и погубен македонски инает. И за да ја дозаплеткаме историјата и да се самозаебиме до крај, стиховите се на бугарски. Абе win-win ситуација…

Но тема на ова писание не ми е сизифовскава битка на самодокажување, која е апсурдна по самава нејзина дефиниција, туку македонскава глупост. А таа глупост сакам да ја искажам низ една друга призма. Имено, последниов период имав можност да прошетам добар дел од Балканов и мал дел од централна Европа. И, кога ќе излезеш од антикава, покрај одлични автопати кај сите соседи, мораш да забележиш, дека по патиштата таму не можеш да сретнеш полиција. И на автопатите и низ градовите. Или ќе сретнеш некоја коректна патрола на поминати 28.000 километри. И одма се опушташ. Одма ти е чудно и мислиш да не станува збор за скриена камера. Но, потоа се враќаш од овие земји без историја, без Аца до Индија, без дух, слобода и антички вредности, земји кои не се постари од Сонцето, и влегуваш во земјата која е постара од Сонцето и што гледаш?

Гледаш Гадафиева верзија на полициска џамахирија по друмовите. Покрај бескрајните и нелогични патарини на секој 30 километри, она што е интересно се уште почестите полициски контроли во истите. Патрола до патрола, се снима со радари на секој чекор, не смее да се мрдне над пропишаното… Абе држава е ова не е заебанција…
Потоа влегуваш во хабитатите каде живеат античките „логичари“ на џамахиријата. Во градовите е „ратно стање“. На секој срање пат низ градовите, особено на раскрсниците и билокакви грмушки или „мртви“ агли, стојат двајца до тројца, обично тотално неписмени, религиозни полицајци кои ја контролираат масата и движењето. Додуша не е некое големо движење, пошо најголем дел од плебсот ја напушти џамахиријата, но тоа што ќе се фати ќе биде претресено.
Целово ова лудило, на човек дојден од страна ќе му заличи дека или сме во воена состојба или џамахиријава контролира јако некој да не шверцува алкохол или книги со недолична содржина.

Потоа се прашувам, зошто е оваа ситуација? Да не има дојава за терористички напади? Или на традиционалниот македонски паразит – полицаец, паразит со бенефициран стаж и пука-козметика-некултура конечно му текнало да излезе на улици и да спроведи ред, а со тоа и да го намали шкембето, кое од муфте проверки по кафанине, го пуштил како средновековен трговец со „прасичи“ од Банат?

Но, не… Тоа не може да се случи… Вредноста, љубовта кон работата и работната етика едноставно не одат во иста реченица со македончето, а особено не со полицијата во џамахиријата… Тогаш, која е причината за ова зголемено полициско присуство? Можеби не чуваат во сообраќајот? И тоа не ми се верува, ако нема рушвет за него, ти во сообраќајот му значиш колку ланскиот снег… Што тогаш е работата?
После, неколку минутно аналитичко и студиозно мозгање, доаѓам до следниов заклучок. Полицијава на џамахиријава е на терен поради две причини:
Првава, колку и да звучи нелогична, е простото отсуство на простор за каде да се купарат во нивните работни саати… Едноставно нема места по станиците каде ќе седнат олкав број на џаболебари, бројлери кои ги товиме со бенифицирана смеса на сточна храна, микс од јака плата, бенефициран стаж, поткуп, корупција и синдикални полутки. Тоа е тоа, се наполнаа капацитетите од Југославија, нови не знаеме да изградиме и сега мора по улициве да дремат. И да глумат висок морал и ниска поткупливост.
Вторава причина, е причинско последична врска со првава, толкав висок број на бројлери, бара да кљуфка, буџетот го оптегнале како ластик од износени гашти, и сега мора да се подобрува наплатата. Има да се казнува по секој основ, си возел 2 км на час над дозволеното, џамахиријата ти пресудува казна! Си се паркирал да купиш цигари, џамахиријата ти мава 50 камшици, пресметани во евра. Возиш црвена кола? Е госпоѓо, забрането е црвена кола во понеделници, 24 џамахириски камшици или 80 еур, ако платиш за една недела 40 еур…
Да, тоа е една од најјаките продажни техники и врв на македонската, итарпејовска заеби-се-сам мудролија. Казната во џамахиријава има и момент кој ја подобрува наплатата а тоа е попустот! Која капиталистичка, неморална, но сепак учинковита фора, која ја подобрува наплатата за 90%. Ти пишит казна некој неписмен лик „пошо така му се може„ и во „Топ Шоп стајл“ ти вика: Но тоа не е се, ако платите за една недела плаќате половина од казната!!! Ејјј, дупло поефтино, па кај го има ова! И ти, како слеп вазал, лоботомиран од обичен сенс и елементарна логика, трчаш кон банката со пусуљчево кое ти е дадено од џамахирискава , веќе религиозна, полиција, стегаш заби и шупак, и како глупак плаќаш задоволен од попустов! Абе Топ Шоп можат да учат продажни техники од џамахирискава администрациска досетливост.

Но поентава не е ни ова… Ова се факти од терен, но што сакам уствари да кажам. Абе дајте луѓе да се среди оваа работа. Прашав на неколку места, никој точно не знае, но наводно, сме имале 6-7.000 слепци, под звањето сообраќајна полиција. Одиме со една проста математика.
Колку месечно чини еден ваков слепец? ( митото кое го прима по патиштата не е вклучено во пресметкава):
Ако зема нето плата од 550-600 евра, бруто со бенефицираниот стаж, тој сигурно не е помалку од 1000 еур месечно за плата. Напоменувам, опинци, униформа и мито не се влезени во пресметкава како дополнителен трошок.
Ако има ево, 6.000 сообраќајни полицајци во Македонија, месечно тие чинат само за плати 6.000.000,00 ЕУР или со букви: ШЕСТ МИЛИОНИ ЕВРА МЕСЕЧНО!

Годишно, друмскава џамахирија чини 72.000.000,00 ЕУР !!! Или со букви СЕДУМДЕСЕТ И ДВА МИЛИОНИ ЕВРА ГОДИШНО!

Овие пари читателу ќе ги изцедат од тебе и од мене, за да може овие полуписмени бројлери да се товат по улицине, да те малтретираат, да те казнуваат, немаш ни кај да се побуниш, и генерално да се иззживуваат.

Кое е решението кое го предлагам:

Да се повика странска, препорачувам германска компанија, која ќе изготви физибилити студија, ќе постави камери и радари низ сите улици и точки во градовите и патиштата, ќе имплементира систем на дирекно казнување за прекршок по регистарски таблички и за секој наш сообраќаен прекршок, дома ќе ти стига писмо за да платиш. Како што во цел нормален свет ова се одвива. И секаде приватна фирма тоа го одржува. И се подобрува наплатата, бидејќи џамахирискиов полицаец нема да прави дилови за да те пушти.
Јас не знам ова колку би чинело, но не мислам дека целосна имплементација е повеќе од неколку милиони евра, тоа треба да се истражи. Но, со ваква културна имплементација, сите овие 6-7000 илјади трутови, општеството може да ги земе на клоци и да ги смести во продуктивни дејности, каде ќе работат поштено. Секако овој потфат би бил многу помалку од годишните издатоци за бруто плати за овие ликови.

Ем ке сме поефикасни, ем ќе има подобра наплата, ем ќе се вози посовесно, ќе знае секој дека е сниман и нема мрдање, ем нема да личиме на џамахирија каде позади секој ќош или грмушка, те чека религиозен фанатик, верник во симболот на еврото и идолопоклоник на партиската светост, кој скока како џокер и ти измислува проблеми за да може да наплати нешто за него и нешто за џамахиријата…

Јас мислам дека вака се гради европска земја, а не со отварање културни клубови во бугарија, каде фирмата е напишана на чист бугарски јазик. То е чист популизам… Нема ништо од тоа…

Наум Димитровски