Годинава градинарите имаат право на субвенции по повеќе основи. Финансиската поддршка следува за производството на отворено, во пластеници и во оранжерии, како и за предадениот зеленчук во домашните преработувачки капацитети…

Градинарите кои произведуваат зеленчук на отворено и во пластеници на најмалку 0,2 хектари имаат право на финансиска поддршка за сите култури што ги одгледуваат.

За домат, пиперки, лубеница, диња, тиква, грав, боранија, грашок, компир, краставици, зелка, кромид, лук и повеќе други градинарски култури, висината на директните плаќања изнесува 10.000 денари по хектар.

Дополнително и за произведени и предадени на регистриран откупувач, за потребите на сопствениот преработувачки капацитет, за домашни потреби или продадено на пазар за домат, пиперка, краставица, корнишон, зелка, грав и компир субвенцијата е 20.000 денари. За овие плаќања услов е да бидат добиени минимални просечни приноси.

Висината на поддршката за пиперки, домати и краставици од 120.000 денари по хектар е за производството во контролирани услови и продадено на пазар или извезено во странство во периодот од 1-ви јануари до 15-ти мај 2024 година.

За зеленчукот предаден во конзервната индустрија од 26 декември 2023 до 25 декември 2024 година, се добива по 3 денари, а за куртовската капија по 5 денари за килограм за предадените количества во периодот од мај до јуни и ноември до декември 2024 година.